(Видео) Шундовски со шах-мат за Чупиќ: Пелистер убедлив во вечното дерби

Објавено:

Битола повторно гори, а шампионската трка е ширум отворена. Еурофарм Пелистер му го нанесе првиот пораз на Вардар 1961 сезонава, славејќи со 28-23 во „Боро Чурлевски“.

Но, ова не беше само победа на теренот. Ова беше победа на клупата. Нашиот став е јасен: Вардар „пресуши“ под Пелистер, не само физички, туку и идејно.

Шундовски го „матираше“ Чупиќ

Честитки до Пелистер и до Звонко Шундовски. Искусниот стратег ги стави своите услуги на располагање во вистински момент за шампионот. Неговата смиреност и тактичка поставеност беа клучни.

За разлика од него, Иван Чупиќ на клупата на Вардар делуваше целосно безидејно. Легендарното крило не успеа да ги мотивира своите ракометари за „60-минутна војна“. Во сивилото на Вардар, единствена светла точка беше капитенот Гоце Георгиевски. Популарниот „Џомба“ беше единствениот кој влезе „напален“ за дерби, постигна 3 гола без утка и покажа желба, но еден играч не е доволен за победа во Битола.

МВР повторно потфрли: Дерби без навивачко ривалство

Најголемата дамка на натпреварот паѓа врз организацијата на безбедносните служби. Најверните навивачи на Вардар, „Комити“, влегоа во салата дури во 35-тата минута.

Припадниците на МВР повторно и по којзнае кој пат потфрлија на ова поле. Со доцното пуштање на гостинските навивачи, беше оневозможено вистинското навивачко ривалство со „Чкембари“, што требаше да биде украс на дуелот меѓу двете најдобри навивачки групи во Македонија. Дерби без полни трибини од самиот почеток не е комплетно дерби.

Факторот „Нинџа“: Хеидарирад го заклучи голот

Вардар го отвори мечот подобро, водеше со 4-7 и 8-10, благодарение на расположениот Милош Валах на голот. Но, пресвртницата се случи кога на голот на домаќините застана Саид Хеидарирад.

Иранецот влезе во “транс”. Запиша 12 интервенции, вклучувајќи клучни зицери и пенал, овозможувајќи му на Пелистер од негатива да замине на полувреме со предност од 13-10.

Радивојевиќ без грешка, Вардар без решение

Во вториот дел, Пелистер целосно доминираше, стигнувајќи и до +6 (21-15).

  • Богдан Радивојевиќ одигра перфектен меч со 9 гола од 9 обиди (100% ефикасност).
  • Филип Кузмановски и Жарко Пешевски додадоа по 6 гола.

Кај Вардар, кој делуваше загубено во нападот, се истакна само Дмитро Хориха со 5 погодоци. Со оваа победа, Пелистер се доближи на само два бода до лидерот Вардар, враќајќи ја неизвесноста во Суперлигата.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено