Новиот стадион на Евертон, модерниот „Хил Дикинсон“, сè уште не е „тврдината“ која навивачите ја посакуваа. Во натпревар со две целосно различни полувремиња, Евертон и Лидс Јунајтед ги поделија бодовите играјќи 1:1, а херој на домашните повторно беше Французинот Тјено Бари.
Кошмарно прво полувреме и лути навивачи
Евертон изгледаше како „раштиман оркестар“ во првите 45 минути. Лидс, предводен од Даниел Фарке, целосно доминираше и заслужено поведе во 28. минута преку Џејмс Џастин. Ситуацијата можеше да биде уште полоша за тимот на Дејвид Мојс доколку поранешниот миленик на „Гудисон“, Доминик Калверт-Луин, не ја погодеше стативата од само неколку метри.
Кога судијата означи крај на првиот дел, стадионот ечеше од гласните свирежи на гневните навивачи на Евертон, кои не можеа да ја сокријат фрустрацијата од очајната игра.
Мојс ги „адутите“, Бари во животна форма
Дејвид Мојс реагираше на полувремето со клучни измени. По долго отсуство поради повреди, на теренот конечно се вратија столбот на одбраната Џарад Брантвајт и креативецот Кирнан Дјусбери-Хол. Нивното влегување внесе нова енергија, а Евертон почна да го притиска противникот.
Спасот стигна во 76. минута. Сенегалецот Идриса Геј, кој само што се врати со трофејот од Африканскиот куп на нации, испрати остар центаршут, а Тјено Бари со инстинкт на вистински голгетер ја смести топката во мрежата за 1:1. За 23-годишниот Французин ова е четврти гол на последните пет натпревари во Премиер лигата.
„Проклетството“ на новиот стадион
Иако Евертон притисна за победа во финишот, а Геј дури и ја погоди пречката, резултатот остана непроменет. Статистиката вели дека Евертон на новиот стадион има идентичен скор: 4 победи, 4 ремија и 4 порази на 12 натпревари – јасен доказ дека „Карамелите“ сè уште тешко се адаптираат на новиот дом.
Со овој бод, Евертон пропушти голема шанса посериозно да се вклучи во борбата за позициите кои водат во Европа.



