Македонското дерби во шкотскиот шампионат ни донесе вистински спектакл, драма, прекрасни голови и, на крајот, поделба на бодовите. Ренџерс на Бојан Миовски и Данди Јунајтед на Кристијан Трапановски одиграа нерешено 2:2, во натпревар кој долго ќе се памети, особено по мајсторијата на Трапановски.
Иако Миовски не успеа да се запише во листата на стрелците, Трапановски беше човекот кој го одбележа натпреварот, враќајќи се на терените со стил по паузата поради повреда.
Доминација на Ренџерс, па “експлозија” на Трапановски
Ренџерс, кој настапи без менаџер по отказот на Расел Мартин, доминираше во првото полувреме и поведе со прекрасниот гол на Тело Асгард во 25-тата минута. Се чинеше дека Данди нема што да бара на “Ајброкс”.
Но, во второто полувреме, сликата целосно се промени. Во игра влезе Кристијан Трапановски, и веднаш донесе пресврт. Во 66-тата минута, по една одлична акција, тој со прекрасен дриблинг се ослободи од противничкиот играч и со прецизен удар израмни на 1:1.
Само десет минути подоцна, Крег Сибалд со проектил од 25 метри донесе целосен пресврт и водство за Данди од 1:2.
Таверние го спаси Ренџерс од пораз
Кога се чинеше дека Данди ќе стигне до историска победа, на сцена стапи капитенот на Ренџерс. Во 87-тата минута, Џејмс Таверние со одличен удар израмни на 2:2, поставувајќи го конечниот резултат.
НАЈАВА: Време е за нови имиња во репрезентацијата!
Инспирирани од одличната партија на Кристијан Трапановски, но и од проблемите што ги видовме во играта на нашата репрезентација во последните натпревари, Спортска Станица најавува нов серијал на написи.
Пред клучниот дуел со Велс и баражот што нè очекува, ќе се посветиме на анализа на играчи кои можеби се заборавени или неправедно запоставени. Ќе предложиме имиња од странските, но и од домашната лига, кои со својата форма заслужуваат да бидат на радарот на селекторот Благоја Милевски и неговиот стручен штаб.
Сметаме дека на нашиот среден ред, крилните позиции и нападот им е потребна свежа крв и поголема конкуренција.
Во оваа наша мисија, сакаме да ве вклучиме и вас, читателите. Ве охрабруваме и ве повикуваме да ни пишете на нашата е-маил адреса [email protected] или на нашите социјални мрежи и да ни предложите играчи кои сметате дека заслужуваат внимание. Кој е заборавениот ас кој треба да добие шанса? Чие име треба да се најде на списокот на Милевски? Вашето мислење е важно!
Останете со нас!