(Видео) Возбудлив старт на разигрувањето: Шампионот се спасуваше во финишот, ТФТ останува лидер!

 

Објавено:

Викендов започна втората, таканаречена ТОП 6 фаза од кошаркарската Супер лига, во која најдобрите шест екипи ги вкрстуваат копјата во битка за четирите места кои водат во полуфиналето од плеј-офот. Првото коло донесе многу возбудувања, а фаворитите, иако со доста мака, на крајот успеаја да ги оправдаат очекувањата.

Лидерот на табелата, екипата на ТФТ, ја потврди одличната форма и го совлада Тиквеш Голден Игл со 80:74, со што ја одбрани првата позиција. Кавадарчани се покажаа како исклучително „тврд орев“ како гостин во скопско Тафталиџе. Иако ТФТ го доби првиот период, Тиквеш одигра фантастична втора четвртина предводен од Хоукинс и на полувреме замина со предност од 35:29.

Клучната разлика ТФТ ја направи во третиот период. Предводени од расположениот Ѓорѓи Зафиров (кој само во оваа четвртина уфрли 12 поени), домаќините за само пет минути направија серија од 17:8 и го вратија водството. Тимот од Тафталиџе во овој дел постигна дури 30 поени (повеќе отколку во целото прво полувреме). Во драматичниот финиш, кога Тиквеш повторно поведе со 74:73, ТФТ возврати со серија од 7:0 за конечен триумф. Зафиров го заврши мечот со 20 поени, додека кај гостите Хоукинс исто така постигна 20.

Најголемото изненадување можеше да се случи во СЦ „Јане Сандански“, каде актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром мораше добро да се испоти за да го скрши отпорот на гевгелиски Кожув, славејќи со 84:75.

Кожув, кој во претходното коло веќе го изненади шампионот, повторно влезе мотивирано и по првата четвртина имаше предност од 27:20. Гевгеличани беа рамноправен ривал во текот на целиот натпревар, па дури и водеа со 71:70 на само три минути до крајот. Сепак, искуството и квалитетот на „штрковите“ пресудија во самата завршница. Со фуриозна серија од 14:4 во последните три минути, МЗТ го осигура триумфот. Дамјан Стојановски и Душан Танасковиќ беа најефикасни со по 21 поен, додека повратникот Војдан Стојановски додаде 15. Кај Кожув брилјираше Брајан Боувен со моќен дабл-дабл учинок од 24 поени и 15 скока.

Во последниот натпревар од колото, Пелистер на домашен терен го совлада Маџари со 84:72, зацврстувајќи се на третата позиција.

Скопјани подобро го отворија мечот во Битола и ја добија првата четвртина (20:17), но „пелистерци“ брзо се консолидираа. Веќе на полувремето домашните имаа предност од 42:38, а прашањето околу победникот го решија во третиот период кога стигнаа до најубедливи +19 (65:46). Најдобар поединец на паркетот беше Бранден Џенкинс со дури 30 постигнати поени, додека Никола Малешевиќ запиша дабл-дабл од 13 поени и 10 скока. Кај Маџари најпрецизен беше Тери Армстронг со 18 поени.

Табела по 1. коло (ТОП 6):

  1. ТФТ (20-3) – 43 бода
  2. МЗТ Скопје Аеродром (20-3) – 43 бода
  3. Пелистер (15-8) – 38 бода
  4. Кожув (12-11) – 35 бода
  5. Маџари (12-11) – 35 бода
  6. Тиквеш Голден Игл (11-12) – 34 бода

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено