(Видео) Загреб во транс: Десетици илјади ги пречекаа хрватските бронзени ракометари!

Објавено:

Хрватска повторно живее во ритамот на ракометот. По драматичната победа над Исланд (34-33) во Хернинг, Данска, со која ја освоија европската бронза, хрватските ракометари вечерва беа пречекани како вистински херои на главниот загрепски плоштад.

Пречекот кој за малку ќе беше откажан

Иако во еден момент организацијата висеше на конец поради политички несогласувања помеѓу Градот Загреб и Хрватската ракометна федерација околу настапот на Марко Перковиќ Томпсон, Владата на Хрватска пресече и го презеде покровителството над манифестацијата. Желбата на играчите беше исполнета, а нивниот омилен пејач се појави на сцената и ја запали атмосферата.

„Ние сме гладијатори и воини“

Кога ракометарите, предводени од селекторот Дагур Сигурдсон, се појавија на бината околу 18:40 часот, на плоштадот настана вистински делириум. Капитенот Иван Мартиновиќ, кој го донесе бронзениот пехар, не можеше да ги сокрие емоциите.

„Ова е чудо. Лани рековме дека сакаме да го повториме ова и докажавме дека не беше случајно. Овој медал е за сите вас“, изјави Мартиновиќ.

Еден од јунаците на првенството, Давид Мандиќ, кој на бината се појави со видливи лузни на лицето од „тепачката“ со Ислаѓаните, кратко порача: „Ние сме воини и гладијатори. Среќен сум што ве гледам во волкав број, за ваков дочек би можел вечерва да одиграм уште два натпревари со сите овие повреди!“.

Ова е вкупно 16-ти медал за Хрватска од големите натпреварувања и втора година по ред како се качуваат на подиумот (по светското сребро лани), што потврдува дека „коцкастите“ се вратија во самиот светски врв.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено