Македонија освои огромен, херојски бод на гостувањето кај моќната Белгија, играјќи 0:0 во натпревар во кој целиот тим одигра со срце и со неверојатна пожртвуваност. Во вечер во која колективот беше на прво место, еден човек се издвои како вистински командант на одбраната, Ѓоко Зајков.
Неговата партија беше речиси совршена, а неговата изјава по натпреварот е вистинска лекција за тоа како се игра за националниот дрес.
Статистика на еден “ѕвер”: 11 чистења, 5 блока и нула поминати дриблинзи!
Статистиката само го потврдува она што сите го видоа на теренот. Зајков не беше само играч, туку вистински ѕид пред голот на Димитриевски. Неговите бројки се импресивни:
- 11 исфрлени топки
- 5 блокирани удари
- 100% успешни стартови и дуели на земја
- 0 пати беше поминат со дриблинг
Ова беше партија за учебници, партија која му донесе една од највисоките оценки на теренот и статус на херој на натпреварот.
Изјава на еден лидер: “Изгинавме на теренот за Македонија”
По натпреварот, Зајков со скромност и со огромна почит кон соиграчите, ја објасни тајната на успехот.
“Одигравме храбро, дисциплинирано во одбрана. Покажавме дека сме храбри, дека оставаме срце за Македонија и со дисциплина стигнавме до овој, по мене, многу голем бод”, изјави Зајков, но веднаш ја спушти топката на земја: “Сега треба да се одмориме и да го победиме Казахстан, ако сакаме да одиме на Светско.”
Тој посебно го истакна придонесот на целиот тим во дефанзивата.
“Беше тешко. Но, со добра комуникација, не само ние тројца централни дефанзивци, туку и Столе од позади, па сè до момците што играат напред… сите изгинаа на овој натпревар. Кога се игра за Македонија, се остава срце на терен”, заврши херојот на македонската одбрана.
Погледнете ја целата изјава на Ѓоко Зајков по натпреварот: