Пред неколку дена ви напишавме за пристигнувањето на Виљареал Мастерс Академијата во Македонија, нешто што е голем чекор за напредокот на младинскиот фудбал, но и за спортот воопшто.
Лесно е оваа вест да се прескокне како „уште една школа за фудбал“. Но, тоа би била огромна грешка. Ова не е само уште една академија, ова е пристигнување на цела филозофија. Ова е доаѓањето на еден од најпаметните, најиновативните и најдобро водените фудбалски клубови во светот – модел кој македонскиот спорт со децении одбива да го научи. Целата статија на нашата анализа за работата на Виљареал академијата можете да ја прочитате ТУКА.
Вчера присуствувавме и на прес-конференцијата, каде беше преставен тимот, воден од програмскиот директор Дарко Глишиќ и двајцата тренери Дамјан Трајановски и Стефан Поповски. Она што особено нè израдува е пристапот кој оваа Академија го има кон фудбалот и нивната главна цел: „Сите деца да се среќни и еднакви!“.
🟡„Жолтата подморница“ пристигна во Скопје!🟡
— sportstation (@sportskastanica) November 12, 2025
🎥 Прес-конференција #VillarealMastersAcademy#SportStationMk pic.twitter.com/NdUIlELffR
„Со ова ќе направиме да се поттикне подигнување на нивото на фудбалот кај нас, со тоа што ќе им обезбедиме комплетна опрема и организација на нашите дечиња. Тие ќе тренираат во одлични услови, под директна методологија на шпанскиот гигант Виљареал“, изјави Глишиќ.
Ова е директно партнерство, а не само уште една фудбалска школа. Ова значи дека децата ќе тренираат по програма која веќе докажано е една од најуспешните во светот, а доаѓа од град кој е помал и од Прилеп. Македонскиот тим секоја недела има состанок со претставник од Виљареал кој е посветен на напредокот на нашите фудбалери, така што методологијата ќе се следи постојано.
🟡„Жолтата подморница“ пристигна во Скопје!🟡
— sportstation (@sportskastanica) November 12, 2025
🎥 Прес-конференција #VillarealMastersAcademy#SportStationMk pic.twitter.com/qaiPnEVY8a
Во моментов тренинзите се одвиваат на два терени во Скопје, но амбициите се да се отвори и сопствен тренинг центар кој ќе ги исполнува сите стандарди за успешна работа со младите таленти.
„Мојата најголема предност е што работам со голема љубов кон децата и тие го препознаваат тоа и со голема желба и љубов учат“, вели тренерот Дамјан Трајановски. „Оваа фудбалска академија е веќе докажана и има извадено врвни фудбалери, така што ние ќе ја следиме таа програма“.
Директорот на Академијата во Скопје, Иван Крстевски, ни раскажа за импресиите од посетата на тренинг центарот во Виљареал. „Таму се работи во врвни услови, а децата се учат преку една љубов кон фудбалот пред сè. Тренинзите опфаќаат и моторика, игра со топка, ментална подготовка… Но, она што е најважно е дека никој таму не ги гледа резултатите. Најважно е децата да се среќни и со љубов да ја играат играта. Тоа е она што нè привлече најмногу да ја донесеме таа методологија и кај нас“.
Ние ја поздравуваме идејата и работата на овој тим полн со ентузијазам, амбиции и пред сè голема љубов кон спортот и децата.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



