Иако Реал Мадрид оствари убедлива победа од 5-1 над Реал Бетис, главна тема во шпанските медиуми не е високиот триумф, туку односот на навивачите кон првата ѕвезда на тимот – Винисиус Јуниор. Бразилецот повторно беше мета на свирежи од трибините на „Сантијаго Бернабеу“, кои станаа уште погласни во 77-та минута кога тој беше повлечен од игра.
Кризата на Винисиус веќе не може да се сокрие. Иако има солидна статистика од 6 гола и 8 асистенции сезонава, тој е во серија од неверојатни 15 натпревари без постигнат погодок, што е негов најлош голгетерски пост во последните неколку години.
Алонсо: Винисиус е темелот на овој Реал
Тренерот на „кралевите“, Чаби Алонсо, по натпреварот се обиде да ги смири тензиите и јавно му даде поддршка на својот напаѓач, нагласувајќи дека неговото влијание врз играта е многу поголемо од самите бројки.
„За мене, Вини придонесува многу. Тој е упорен, постојано врши притисок и особено ми се допадна во првото полувреме. Тој е есенцијален за нас, особено сега кога нè очекува Суперкупот. Винисиус е, беше и ќе продолжи да биде фундаментален за Реал Мадрид. Сигурен сум дека ‘Бернабеу’ наскоро повторно ќе му аплаудира“, изјави Чаби Алонсо.

Сапуница околу договорот и социјалните мрежи
Односот помеѓу Винисиус и навивачите е на најниско ниво во историјата. Сè започна по неговата бурна реакција на „Ел Класико“ во октомври, а ситуацијата ескалираше кога Бразилецот ја отстрани својата профилна слика во дресот на Реал Мадрид на Инстаграм пред Божиќ.
Дополнителен притисок создаваат и шпекулациите за неговата иднина. Со договор кој истекува во јуни 2027 година, веќе протекоа информации дека Винисиус ја информирал управата дека нема намера да го продолжи договорот додека Алонсо е тренер. Додека другите играчи како Чуамени добиваат овации, Винисиус станува „жртвено јагне“ за секој послаб резултат или потег.
Тест во Саудиска Арабија
Следниот голем предизвик за Реал Мадрид и Винисиус е во четврток, кога во Саудиска Арабија ќе се соочат со Атлетико Мадрид во полуфиналето на Суперкупот на Шпанија. Ова ќе биде идеална шанса за Бразилецот конечно да ја прекине црната серија и да ги замолкне критичарите пред најважниот дел од сезоната.



