Винисиус со ултиматум: „Не продолжувам додека е Чаби на клупата“

 

Објавено:

Во Реал Мадрид ништо никогаш не е тивко, но според веста што ја објави „The Athletic“, внатрешните немири го тресат клубот повеќе од кој било резултат. Винисиус Жуниор, човекот што требаше да биде лицето на новата ера, му соопштил на Флорентино Перез дека не размислува да го продолжи договорот, барем не додека односите со тренерот Чаби Алонсо се вакви.

Разговорот, според неколку извори блиски до клубот, се случил веднаш по Ел Класико на 26 октомври. Винисиус дошол да се извини за жестоката реакција при смената (она „секогаш мене ми прави вака, си одам, подобро е да си заминам“), но излегол од канцеларијата со појасна, уште погласна порака: „Не можам да продолжам во ваков однос со тренерот“.

Од Анчелоти до Алонсо: Студен фронт

Винисиус и Алонсо од стартот не „кликнале“. Сè почнало уште на Светското клупско првенство, со она несреќно 4-0 против ПСЖ, кога Алонсо првично планирал да го остави Бразилецот на клупа. Конечно почна, но на десно крило, позиција што никогаш не му легнала.

Оттогаш натаму, тензиите само се собирале. Од 17 натпревари сезонава, Винисиус комплетираше само пет, четири пати почнуваше од клупата, а чувството дека Алонсо „не го гледа“ како Анчелоти растело секој месец.

Дури и кога Винисиус објави јавно извинување по инцидентот во Ел Класико, тренерот воопшто не беше спомнат. Според извори блиски до играчот, тоа не било случајно.

Парите се тема, но не се главниот проблем

Мадрид уште во јануари почна да преговара за нов договор. Понудија плата од околу 20 милиони евра по сезона, која беше одбиена. Тимот на Винисиус побара историски договор, близу ниво на Кристијано Роналдо, со пакет од околу 30 милиони.

Но иако разликите во бројки се големи, во клубот сите знаат дека бројките не се сржта. Проблемот има друго име – Чаби Алонсо.

Сè додека односот е заледен, преговорите остануваат замрзнати.

Извор: https://x.com/realmadriden

Перез го брани Вини, но не може да реши сè

Флорентино Перез, човекот кој долги години го штити Бразилецот, се обидува да ја смири ситуацијата. Тој беше со него на трибините кога го навредуваа расистички во Валенсија. Покажува доверба, топлина, поддршка.

Но, дури ни Перез не може да прикрие дека соблекувалната почнува да врие. Алонсо прави резултати, Мадрид е прв во Ла Лига, но зад сцената се натрупуваат незадоволства. И Винисиус е само најгласниот пример.

Во клубот се надеваат дека добрите резултати ќе помогнат двајцата да се приближат. Но засега, секој нов ден отвора исто прашање: Како Реал Мадрид ќе гради иднина ако еден од своите најголеми таленти не верува во тренерот?

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено