Ракометната секција на Барселона уште еднаш докажа зошто е најголемата и најдоминантната сила во историјата на европскиот ракомет. Во спектакуларното финале на „Фајнал-фор“ турнирот во Келн, избраниците на Карлос Ортега ја сопреа германската машина Фуксе Берлин со триумф од 37-34 (20-16), заминувајќи на тронот по рекордни 12 пат во рамките на ЕХФ Лигата на шампионите.
🙌🏆#ehfcl #ehffinal4 #clm #handball @FCBhandbol pic.twitter.com/wBZC3wO2hv
— EHF Champions League (@ehfcl) June 14, 2026
Оваа победа имаше епско значење за комплетното спортско друштво на Барселона. Со овој пехар, каталонскиот гигант официјално стигна до нереалниот и единствен јубилеј – 50 европски титули во сите свои професионални тимови! Ракометарите сега цврсто стојат на втората позиција со 13 круни (зад хокејот на ролери кој има 22), додека машкиот фудбалски тим има 5, фудсалот и женскиот фудбал по 4, а кошаркарскиот состав има 2 евролигашки титули. Покрај тоа, Ортега ја заокружи една од најмоќните ракометни сезони во историјата, освојувајќи ги сите седум можни трофеи во сите натпреварувања!
Атомски ракомет, рекордот на Гомез и падот на Гидсел
Натпреварот започна со застрашувачки офанзивен ритам од двете страни, каде во првите 10 минути беа постигнати дури 15 погодоци. Барса прва се одлепи на 8-5 благодарение на вонсериските рефлекси на данскиот голман Емил Нилсен. Берлинскиот состав, кој го имаше домашниот терен зад себе, во неколку наврати се обиде тактички да го умртви брзиот напад на Каталонците, но „Блауграна“ ги уништи со нивното најсилно оружје – брутално брза транзиција и лесни голови од контранапад.
Првиот дел го одбележа и историскиот момент на шпанскиот репрезентативец Алеиш Гомез. Со својот четврти погодок на мечот во 30-та минута, Гомез стана првиот ракометар во историјата кој успеал да постигне 100 голови на „Фајнал-фор“ турнирите во Келн. На пауза се замина со сигурни 20-16, откако првата ѕвезда на Берлин и најдобар стрелец на сезоната, Матијас Гидсел, беше комплетно неутрализиран и својот прв гол го постигна дури во 25-та минута. Гидсел сепак го заврши мечот со 8 гола, осигурувајќи ја наградата за прв стрелец на сезоната со рекордни 161 погодок.
Драма со црвени картони и совршено збогување на Нилсен
Второто полувреме донесе вистинска нервоза на паркетот и драматични моменти кои за малку ќе го свртеа натпреварот. Барса во еден момент водеше со сигурни 25-19 благодарение на фантастичниот Луис Фраде (кој имаше перфектни 7/7 на линијата), но во средината на вториот дел Каталонците доживеаја тежок безбедносен удар откако Лудовик Фабрегас заработи директен црвен картон. Германците го искористија тоа и на седум минути пред крајот се приближија на опасни 32-30.
Сепак, рамнотежата беше воспоставена откако и кај Берлин поцрвене Макс Дарј, по што Барса покажа шампионски нерви. Клучниот потег го направи Џорџе кој со застрашувачки паметна украдена топка донесе водство од 36-33 на две минути пред крајот. Точка на мечот стави феноменалниот Емил Нилсен.
Данскиот голман, за кого ова беше последен натпревар во дресот на Барса пред неговиот трансфер во Веспрем, со нереална одбрана во зицер-позиција на Тим Фреихофер го заклучи натпреварот за конечни 37-34. За најкорисен играч (МВП) на турнирот сосема заслужено беше прогласен Словенецот Домен Макуц, кој постигна 5 гола во финалето.



