Пристигнуваме до моментот каде Светското клупско првенство станува сериозно, а сите клубови кои се во оваа фаза веќе сонуваат да го добијат трофејот.
Кога веќе ќе се стигне до оваа фаза, дури и оние кои не се согласуваа со новиот формат на натпреварување на ФИФА, сега веќе почнуваат да се надеваат на победа, бидејќи во оваа фаза поразот е потежок, а колку и да не сте го посакувале трофејот, победата е слатка.

Па, пред утрешниот почеток на четврт-финалните битки, ова е нашиот водич за оваа фаза на првенството:
Флуминенсе – Ал Хилал
Датум: 04.07
Стадион: Кампинг Ворлд, Орландо
Во првиот меч ќе се сретнат два тима кои никој не ги сметаше за фаворит од почетокот на турнирот. Но, сега се тука и се сериозни во своите намери да одат понатаму. Ако на почетокот некој им понудеше на било кој од овие клубови влез во четврт-финалето, веднаш ќе се согласеа, но сега кога веќе се тука, погледите и надежите веќе им се свртени кон историското полуфинале.
Флуминенсе: Многумина ги гледаа како најслабите од четирите бразилски тима. Но, тоа мислење се промени после спектакуларната победа над Интер.
Главен играч досега кај Бразилците е Џон Аријас, чија интелигенција, вештини и снаодливост играа централна улога за Флуминенсе. А, најинтересно е што никој со сигурност не знае како да го нарече. Дали е крило? Втор напаѓач? Играч од средниот ред кој го има насекаде? Одговорот е дека тој може да ги изигра сите овие позиции.
Ал Хилал: Клубот на Симоне Инѕаги помина некако незабележано во групната фаза, но сите ги забележаа кога ги совладаа Манчестер Сити во нокаут-фазата. Ал Хилал изгледаат балансирано и креативно, па имаат зошто да се надеваат за влез во полуфиналето.
Малком беше ѕвездата против Сити со неверојатната игра во второто полувреме, но ако се земе севкупниот настап на турнирот, тогаш за најдобар играч би требало да се смета Рубен Невес, кој покажа вистинска класа низ сите мечеви.
Нашето предвидување: Би сакале да видиме барем еден бразилски тим во полуфиналето, но сепак индивидуалната предност на играчите на Ал Хилал можеби ќе направи разлика за победа.

Палмеирас – Челси
Датум: 04.07
Стадион: Линколн Фајнаншл Филд, Филаделфија
Мареска изјави дека експериментира со тактиките на ова првенство, но со полуфиналето како влог, најверојатно играта на Челси овој пат ќе биде многу поструктурирана од претходно. За разлика од нив, играта на Палмеирас досега важеше за хаотична и без вистинска идеја, но тие некако сепак успеваа да стигнат до голот.
Палмеирас: Бразилската самба не бара структура за да дојде до победа, нивната тактична спремност во однос на Челси можеби е помала, но нивната желба и пасија за фудбалот со сигурност ќе преовлада на теренот.
Нивниот најдобар играч на првенството досега е Колумбиецот Ричард Риос, кој буквално се наоѓаше на вистинското место во вистинското време, кога и да му беше потребен на тимот. Иако Фереира често ги менува своите играчи од средниот ред, местото на Риос е речиси секогаш загарантирано.
Челси: Исто како и нивната тактика и нивното досегашно играње на првенството би можело да се нарече “експериментално”. Но, тие ќе влезат со голема доза на внимателност во натпреварот против Бразилците, откако во групната фаза изгубија од нивните сонародници од Фламенго со 3:1.
За среќа на Челси, неколку играчи од овој тим се истакнаа на ова првенство, а тука ќе ги сместиме Мојсес Каиседо и Марк Кукурела, како и Педро Нето кој можеби најмногу од сите го подигна своето лично ниво.
Нашето предвидување: Пак би кажале дека во духот на забавата и стилот на игра би сакале да видиме бразилски тим во полуфиналето, но искрено Челси делуваат како овој пат многу сериозно да ќе влезат во овој натпревар.

ПСЖ – Баерн Минехн
Датум: 05.07
Стадион: Мерцедес-Бенц, Атланта
ПСЖ на турнирот досега покажаа дека се дојдени да бидат безмилосни кон противниците, што се покажа и во нивниот натпревар со Интер Мајами. Но, тимот на Баерн е познат по својата агесивна игра во освојување на топката. Од она што го видовме досега, ова можеби ќе биде и најтешкиот натпревар во оваа фаза.
ПСЖ: Парижаните досега изиграа извонредно. Но, и тие не се без маани. Луис Енрике во групната фаза ги ротираше играчите и ги менуваше нивните позиции, но Ботафаго им приредија изненадување кое не го очекуваа, во натпревар во кој изгубија со 1:0.
Во базенот со таленти на ПСЖ може да се истакнат многумина, но најверојатно најзаслужен за конзистентноста на играта досега е Витиња.
Баерн: На страна од нивниот меч против Оукленд Сити кога немилосрдно “решетаа” кон голот на противникот за 10:0, Баерн досега не покажа контрола каква што би сакале да ја имаат, а мечевите против Фламенго и Бока Јуниорс ја истакнаа оваа слабост.
Ѕвездата на Баерн? Хери Кејн.
Нашите предвидувања: Според досега прикажаната игра, ПСЖ се поголеми фаворити за победа, но тврдоглавоста на германскиот фудбал да се игра до последната минута никогаш не треба да биде отпишана.

Реал Мадрид – Борусија Дортмунд
Датум: 05.07
Стадион: Мерцедес-Бенц, Атланта
Ова е натпревар во којшто борбата најверојатно би се одвивала онаму кадешто никој не би ја очекувал – во задниот ред. Нико Ковач го направи Дортмунд многу подефанзивно цврст, а задните тројца се и во тактиката на Алонсо.
Реал Мадрид: Чаби Алонсо го врати ентузијазмот кај “Кралевите” на сите нивоа, после година со внатрешни тензии и губење во битките за трофеи. Алонсо покажа вистинско тактичко богатство во досегашните натпревари од Светското клупско првенство, па овој меч не би требало да биде исклучок.
Нивната ѕвезда досега е Гонзало Гарсија. Младиот талент на Реал покажа дека прераснува во вистински комплетен играч кој го искористи секој момент да блесне во тимот, особено после отсуството на Ендрик кој е повреден и Мбапе кој имаше здравствени проблеми.

Борусија Дортмунд: Германците засега не изгледаат воопшто лошо. Ако има простор за критика за нивната игра, тоа би била преголемата претпазливост со која влегуваат во секој натпревар, а во овој би можело многу да ги чини.
Нивниот голман Грегор Кобел беше навистина одличен на овој турнир. Тој реши да остане во Дортумунд и покрај интересот од други клубови, а на ова првенство е во одлична форма, која ќе мора да продолжи и во овој натпревар ако сака да му помогне на својот клуб да стигне до полуфиналето.
Нашето предвидување: Тимот на Алонсо е во тактичка предност и влегува во овој натпревар како фаворит, но Дортмунд сигурно ќе проба да дојде до својот момент и да ја искористи секоја шанса за победа.



