Водич за ЕУРО 2028: Стадионите, прашањето за Олд Трафорд и како ќе се квалификуваат домаќините

Објавено:

Одбројувањето официјално започна. Точно во 20:28 часот (12 ноември 2025), гигантските екрани на Пикадили Циркус во срцето на Лондон експлодираа во бои, означувајќи го глобалното лансирање на брендот за УЕФА ЕУРО 2028.

Во истиот момент, низ сите осум градови домаќини во Обединетото Кралство и Ирска, иконските знаменитости беа осветлени со новиот визуелен идентитет.

Турнирот, кој ќе се одржи за помалку од 1000 дена, го носи слоганот „Фудбалот е универзален јазик“ (Football is the universal language), славејќи ја емоцијата, единството и страста на навивачите.

Од Кардиф до Вембли: Рамката на турнирот

УЕФА ги потврди клучните детали:

  • Формат: 24 репрезентации, 51 натпревар.
  • Времетраење: 31 ден.
  • Прв натпревар: Петок, 9 јуни 2028 (Национален Стадион на Велс, Кардиф).
  • Финале: Недела, 9 јули 2028 (Вембли, Лондон).
  • Ново време на финале: Финалето ќе се игра во поудобен термин од 18:00 часот (СЕТ), односно 17:00 часот по локално време.
  • Билети: Повеќе од 3 милиони билети ќе бидат пуштени во продажба, повеќе од било кое ЕУРО досега.

Водич низ 9-те „храмови“ на ЕУРО 2028

Потврдени се вкупно девет стадиони во осум градови. Еве ја комплетната листа, подредена според капацитетот, и што точно ќе се игра на секој од нив:

1. Вембли (Лондон, Англија)

  • Капацитет: 90,652
  • Што ќе се игра: Срцето на турнирот. Вембли ќе биде домаќин на вкупно 8 натпревари, вклучувајќи ги двете полуфиналиња и големото финале. Тука ќе се игра и еден четвртфинален натпревар. Доколку се пласира, Англија тука ќе одигра два меча од групната фаза.

2. Национален Стадион на Велс (Кардиф, Велс)

  • Капацитет: 73,952 (УЕФА го користи ова име, инаку познат како Принципалити)
  • Што ќе се игра: Честа да го отвори ЕУРО 2028 (9 јуни) ја има Кардиф. Стадионот ќе биде домаќин и на еден четвртфинален натпревар. Доколку се пласира, Велс тука ќе ги одигра сите три меча од групната фаза.
Извор: https://x.com/cardiffcouncil

3. Стадион Тотенхем Хотспур (Лондон, Англија)

  • Капацитет: 62,322
  • Што ќе се игра: Вториот стадион во Лондон. Оваа модерна арена ќе биде домаќин на натпревари од групната фаза и еден осминафинален дуел.
Извор: https://x.com/SpursOfficial

4. Градски Стадион Манчестер (Манчестер, Англија)

  • Капацитет: 61,000 (познат и како Етихад)
  • Што ќе се игра: Манчестер ќе биде домаќин на 5 натпревари. Потврдено е дека тука ќе се играат четири меча од групната фаза и еден осминафинален натпревар. Доколку Англија се пласира, тука ќе го одигра својот прв меч на турнирот.

5. Стадион Евертон (Ливерпул, Англија)

  • Капацитет: 52,679 (Новиот стадион на Евертон)
  • Што ќе се игра: Ливерпул се враќа на големата сцена со својот нов, ултра-модерен стадион. Потврдено е дека ќе биде домаќин на 5 натпревари (групи + осминафинале).
Извор: https://x.com/lpoolcouncil

6. Сент Џејмс Парк (Њукасл, Англија)

  • Капацитет: 52,305
  • Што ќе се игра: „Страчките“ ќе бидат домаќини на 5 натпревари. Познати се и точните датуми: четири меча од групите (12, 15, 17, 20 јуни) и еден осминафинален дуел (25 јуни).
Извор: https://x.com/DomScurr

7. Вила Парк (Бирмингем, Англија)

  • Капацитет: 52,190
  • Што ќе се игра: Бирмингем доби 4 натпревари. Три од групната фаза (11, 15, 20 јуни) и еден осминафинален меч (27 јуни).
Извор: https://x.com/AVFCOfficial

8. Хемпден Парк (Глазгов, Шкотска)

  • Капацитет: 52,032
  • Што ќе се игра: Шкотскиот дом на фудбалот. Тука ќе се одигра еден четвртфинален натпревар. Доколку се пласира, Шкотска тука ќе ги одигра сите три меча од групната фаза.
Извор: https://x.com/GlasgowCC

9. Даблин Арена (Даблин, Ирска)

  • Капацитет: 51,711 (познат како Авива Стадион)
  • Што ќе се игра: Ирска добива важна улога. Во Даблин ќе се играат пет меча од групната фаза и еден четвртфинален натпревар. Доколку се пласира, Ирска тука ќе ги одигра сите три меча од групите.
Извор: https://x.com/FAIreland

Големите прашања: Зошто ги нема Олд Трафорд и Северна Ирска?

Две големи отсуства го одбележаа финалниот список на стадиони, а сега се познати и официјалните причини.

1. Зошто го нема Олд Трафорд? Иако „Театарот на соништата“ е најголемиот клупски стадион во Велика Британија (74,000) и беше домаќин на ЕУРО 1996, тој беше повлечен од кандидатурата. Причината е планираната реконструкција. По консултација меѓу Манчестер Јунајтед и ФА, клубот објави дека не сака да се обврзе на организација, бидејќи постои ризик реновирањето (кое Сер Џим Ретклиф го најави како 5-годишен проект) да доцни и да го загрози турнирот.

2. Што се случи со Северна Ирска? Првичниот план беше турнирот да има 10 стадиони, вклучувајќи го и Кејсмент Парк во Белфаст. Сепак, во септември 2024, Белфаст беше отстранет од листата. Владата на Велика Британија не можеше да даде гаранции дека ќе го обезбеди потребното финансирање (проценето на над 400 милиони фунти) за обнова на стадионот на време. Како резултат, Северна Ирска е отстранета како нација-домаќин и ќе мора да се квалификува на турнирот по редовниот пат. Како симболичен гест, УЕФА потврди дека ждрепката за квалификациите ќе се одржи токму во Белфаст (6 декември).

Како ќе се квалификуваат домаќините? (Комплицирано е)

Ова е најголемата промена. За разлика од ЕУРО 2024 (каде Германија беше директно пласирана), на ова ЕУРО сите четири домаќини (Англија, Шкотска, Велс, Ирска) ЌЕ ИГРААТ во квалификациите.

Планот за квалификации е следниот:

  1. Ќе има 12 групи (со по 4 или 5 тима).
  2. 20 тима ќе се пласираат директно: 12-те победници на групите и 8-те најдобри второпласирани.
  3. КЛУЧНО: УЕФА има резервирано ДВЕ (2) места за домаќините, во случај некој од нив да не успее да се квалификува директно (како победник или најдобар второпласиран). Овие две места ќе им бидат доделени на најдобро рангираните домаќини кои „кикснале“ во групите.
  4. Останатите 2 до 4 места (во зависност од тоа колку домаќини ќе ги искористат резервните места) ќе се пополнат преку плеј-оф од Лигата на Нации.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено