Жоан Лапорта и Барселона конечно научија лекција. По трауматичните искуства со Гави и Педри, клубот од Каталонија овојпат одлучи да не ризикува со својот најголем дијамант, Ламин Јамал.
Во потег што предизвика бес во Шпанската фудбалска федерација (RFEF), Барселона буквално „во последна секунда“ го подложила 17-годишниот Јамал на медицинска процедура, со што го оневозможила неговиот настап за Шпанија.
RFEF во официјално соопштение го изрази своето „изненадување и непријатност“.
„Дознавме во 13:47 часот, на денот на собирот, дека играчот бил подложен на инвазивна процедура со радиофреквенција за третман на болки во пубисот. Ова е направено без претходна најава до нашиот медицински тим“, стои во лутото соопштение на федерацијата.
Според извештајот кој Барселона го испратила доцна вечерта, на Јамал му е потребен одмор од 7 до 10 дена – точно колку да ја пропушти репрезентативната пауза и мечевите со Грузија и Турција.
Навивачите на Барселона се во екстаза. На социјалните мрежи, тие го слават потегот како „мастерклас“ на Лапорта.
„Конечно сериозно се грижиме за играчите“, „Лапорта е цар“, „Нека се лечат од повредата што вие му ја направивте со непотребни повици“, се само дел од коментарите.
Фановите потсетуваат на случајот со Гави, кој заработи тешка повреда на коленото на небитен меч против Грузија, токму поради инсистирањето на селекторот. Очигледно, Барса реши да преземе драстични мерки за да го заштити „новиот Меси“.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



