10.8 C
Skopje

Враќањето на Трент Александер-Арнолд на Енфилд: Меѓу љубов и горчина

Објавено:

Враќањето на Трент Александер-Арнолд вечерва на „Енфилд“ ќе биде сè освен обично. Стадионот кој знае да биде место на носталгија и емоции, овојпат ќе биде сцена на поделени чувства, љубов и горчина во ист здив.

Фудбалер кој го носеше Ливерпул во срцето од детството, кој порасна на улиците на Вест Дарби и стана симбол на модерниот фудбал на „црвените“, вечерва ќе истрча во дресот на Реал Мадрид, и тоа е нешто што навивачите тешко го прифаќаат.

Од херој до контроверзно заминување

Последните недели на Александер-Арнолд во Ливерпул беа бурни. Кога стана јасно дека ќе замине во Реал Мадрид без обештетување, улиците околу „Енфилд“ беа исполнети со навредливи плакати, а навивачите не знаеја дали да го исвиркаат или да му аплаудираат. Дури и неговото последно кревање на трофејот од Премиер лигата пред „Коп“ трибината помина со поделени реакции.

Сигурно се сеќавате и на гневот на навивачите на Ливерпул, кои го гледаа на претставувањето во Мадрид како течно зборува на шпански јазик, велејќи дека тој одамна се подготвувал за „предавството“.

Главниот гнев беше насочен кон начинот на заминување. „Детето на Ливерпул“ кое, според многумина, требаше да им донесе финансиска добивка со трансфер, наместо да си замине бесплатно. Други, пак, го бранеа, потсетувајќи дека како академски производ тој веќе ја врати секоја фунта со тоа што беше дел од тимот кој ги освои сите домашни трофеи и Лигата на шампионите.

Дел од вината паѓа и на клубот, кој не успеа навреме да го продолжи договорот. Сега, гледајќи го во бело, Ливерпул се соочува со реалноста дека заменици за неговата креативност сè уште нема.

Повреда, адаптација и нов почеток

27-годишниот бек вечерва се враќа на терените по повредата на задната ложа која го држеше надвор од игра од средината на септември. Последните две кола во Ла Лига беше на клупата за резерви, а вечерва повторно би можел да почне од таму.

Во Мадрид, Александер-Арнолд сè уште се прилагодува. Посветен е на часови по шпански јазик три пати неделно, се обидува да ја најде својата улога во соблекувалната, и покрај тоа што има поддршка од својот близок пријател Џуд Белингем. Со Винисиус и Мбапе веќе гради нови односи, а трансферот што му донесе на Ливерпул 10 милиони евра покажа дека Реал гледа во него како долгорочна инвестиција.

„Секогаш ќе го сакам клубот,“ изјави тој за „Prime Sport“, додавајќи дека реакцијата од трибините нема да му ја промени љубовта кон Ливерпул.

Извор: https://liverpooloffside.sbnation.com

Ливерпул без Трент: празнина што не се пополнува

Од неговото заминување, Ливерпул само двапати ја зачува мрежа недопрена во 14 натпревари. Позицијата десен бек стана проблематична: Конор Бредли се врати по повреда и полека влегува во форма, Џереми Фримпонг е надвор од теренот поради повреди, а Доминик Собослај мораше да импровизира надвор од својата природна позиција.

Поранешниот дефанзивец Џејми Карагер за „The Athletic“ изјави:

„Може да се види колку му недостасува на Ливерпул. Не само како бек, туку и како креативна сила низ целиот терен. Тој е еден од најдобрите додавачи на топка во светот, затоа и Реал Мадрид го сакаше“.

Дури и Мохамед Салах, кој имаше извонредна синхронизација со него по десната страна, чувствува последици од неговото отсуство.

Помеѓу спомените и реалноста

Враќањето на Трент ќе има и емотивен момент. Вчера, заедно со претставници на Реал, тој положи цвеќе пред меморијалот на Диого Жота, кој трагично го загуби животот, што уште повеќе ја зголемува тежината на вечерта.

И покрај сè, Арне Слот и Рајан Гравенберх останаа дипломатски: „Тој секогаш ќе биде добредојден од нас, поради она што го направи за клубот“, рече тренерот.

Сепак, навивачите можеби нема да бидат толку топли. На „Енфилд“ денес ќе се судрат минатото и сегашноста – детето на Ливерпул против клубот што го одгледа.

И иако неговата репутација останува оштетена, дури и најголемите критичари признаваат едно: „Кога замина Трент, Ливерпул изгуби дел од својата душа“.

Следете нè: Facebook | Instagram | X 

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено