Овогодинешното издание на Ролан Гарос во 2026 година продолжува да пишува неверојатни, но воедно и исклучително болни спортски приказни. Иако Матео Беретини во изминатите десетина дена не криеше колку максимално ужива во своето враќање на париската глина, неговиот сон беше сурово прекинат вечерва со несреќен епилог. Поранешниот финалист од Вимблдон, кој ги пропушти последните четири изданија на францускиот грен слем поради серија тешки повреди кои целосно му ја пренасочија кариерата, конечно изгледаше фит и подготвен за големи нешта, сè до моментот кога неговото тело повторно откажа во пресметката против сонародникот Матео Арналди.
При заостаток од 7-5 во првиот и 5-2 во вториот сет, поранешниот светски рекет број шест беше принуден предвреме да го предаде мечот поради очигледна повреда на горниот дел од левата нога. Овој несреќен крај го промовираше 104-тиот тенисер во светот, Матео Арналди, во само вториот маж во Опен ерата кој успеал да победи во четвrтфинале на Ролан Гарос по предавање на противникот.
Од фуриозен старт до медицински тајмаут и болен крај
Натпреварот започна со сосем поинаков ритам, со оглед на тоа што Беретини влезе многу подобро во пресметката, правејќи два брејка во првите три гема за рано водство од 3-0 на првата пауза. Сепак, упорниот Арналди, кој веќе помина најмногу часови на теренот на патот кон едно грен слем четвртфинале уште од далечната 1991 година, брзо го пронајде својот ритам и успеа да освои седум од следните девет гема за комплетно да го украде првиот сет кој траеше повеќе од еден час. Врв на тој дел од играта беше маратонскиот осми гем со дури девет израмнувања во кој Беретини спаси пет брејк топки, но искусниот Италијанец не успеа да го повтори тоа во клучниот, последен гем од сетот.
Работите за Беретини тргнаа наопаку на почетокот на вториот сет, по што при негатива од 2-1 побара и медицински тајмаут надвор од теренот. Иако по враќањето успеа без загубен поен да го освои својот сервис и накратко да даде надеж, повредата беше посилна од неговата желба. Храбриот Беретини машки се бореше уште три гема, но по точно два часа поминати на теренот, сфати дека нема повеќе што да даде и со тешко срце реши да стави крај на мечот.
Tough one 🫂💔#RolandGarros pic.twitter.com/GBhhgeohKd
— Roland-Garros (@rolandgarros) June 3, 2026
Историски подвиг на Арналди каков што не е виден три децении
Со овој триумф, Матео Арналди испиша нови златни страници во својата кариера и стана најниско рангираниот тенисер кој обезбедил пласман во полуфинале на Ролан Гарос уште од 1997 година, кога Белгиецот Филип Девулф стигна до најдобрите четири како 122. играч на АТП листата. Воедно, тој е дури третиот тенисер надвор од топ-100 друштвото кој успеал да го направи овој подвиг во Париз од 1990 година наваму.
Големата италијанска бајка во Париз продолжува веќе во петок, кога во борба за историско грен слем финале Арналди ќе ги одмери силите против својот сонародник Флавио Коболи, кој претходно во текот на денот направи сензација елиминирајќи го четвртиот носител Феликс Оже-Алијасим од Канада.



