Манчестер Сити ја активираше својата прва голема трансфер-бомба во новата ера! Англискиот шампион постигна конечен договор за ангажирање на 23-годишниот играч за врска на Нотингем Форест, Елиот Андерсон, кој доаѓа како прво мега-засилување по желба на новиот менаџер Енцо Мареска.
Се работи за фиксна сума од неверојатни 116 милиони фунти без никакви дополнителни бонуси. Иако апсолутниот рекорд за трансфер во Британија останува во сопственост на Ливерпул (кои минатото лето платија 125 милиони фунти за Швеѓанецот Александер Исак), оваа сума поставува два нови историски маркери. Ова е највисоката сума некогаш платена за фудбалер со британско државјанство и претставува нов апсолутен клупски рекорд за Манчестер Сити, надминувајќи ги оние 100 милиони фунти кои им беа исплатени на Астон Вила за Џек Грилиш во 2021 година.
Медицински прегледи среде Мундијалот во САД
Андерсон во моментов се наоѓа во Соединетите Американски Држави, каде е дел од репрезентацијата на Англија на Светското првенство. Играчот за врска добил специјална дозвола овој петок да ги мине медицинските прегледи во Њујорк, по што ќе бидат финализирани личните услови од договорот.
Тој веќе се наметна како клучен играч во националниот тим, стартувајќи на првите два мундијалски натпревари против Хрватска и Гана, а се очекува да биде во првиот тим и на саботниот дуел против Панама кој ќе се одигра токму на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси.
Најдобрата зделка во историјата на Нотингем Форест
За Нотингем Форест, ова е историски бизнис потег. Во 2023 година, тие го донесоа Андерсон од Њукасл во комплексна зделка вредна вкупно 35 милиони фунти (во која голманот Одисеас Влаходимос замина во спротивен правец), при што вредноста на самиот Андерсон беше проценета на скромни 15 милиони фунти.
Само две сезони подоцна и 92 одиграни натпревари (со 4 гола и 4 асистенции во сезоната 2025/26), Форест инкасира чист профит од над 100 милиони фунти. Ова го надминува дури и култниот трансфер на Рој Кин, кој беше доведен за 47.000 фунти, а продаден во Манчестер Јунајтед за тогашен рекорд од 3,75 милиони. Управата на Форест веќе ја пикираше неговата замена – 20-годишниот Лукас Бергвал од Тотенхем.
Зошто Енцо Мареска инсистираше на Андерсон?
По заминувањето на Пеп Гвардиола, новиот стратег Енцо Мареска има сериозна задача да го задржи шампионскиот ритам на тимот. Мареска во Андерсон гледа долгорочна, идеална замена за Бернардо Силва.
Статистиката покажува зошто тој е совршен за системот на Сити базиран на посед. Во изминатата сезона во Премиер лигата, тој имаше 14% од вкупните контакти со топката на Форест – најголем удел од било кој друг играч во тимот. Тој е исклучително отпорен на пресинг, бележи 2,8 успешни дриблинзи по натпревар и може без проблеми да ја диктира играта. Со оглед на тоа што Сити имаше промашувања во минатото со играчи за врска кои беа донесени како поевтини алтернативи (како Калвин Филипс), управата овојпат одлучи да не штеди за да му го донесе на Мареска играчот кој гарантира инстантен квалитет.



