Заврши бајката за Реал Овиедо и нивната легенда Санти Карзола во Ла Лига!

 

Објавено:

На сто годишнината од малиот клуб од Астурија, изгледаше како сите соништа на навивачите на Реал Овиедо да се остварија – клубот се врати во Ла Лига после 24 години чекање, а таму ги одведе локалниот херој Санти Казорла кој се врати на 40 години да игра за својот клуб од детството, барајќи само минимална плата за да може да им помогне да се вратат во елитата.

Но, оваа година ги скрши соништата на навивачите повторно. Како што велат некои од нив, „ова е слатко-горчливо искуство – од една страна уживавме во секој момент оваа година, од друга страна повторното испаѓање боли“.

Ако нè следевте од почетоците на Спортска Станица, тогаш знаете дека приказната за Реал Овиедо ни беше една од омилените теми за пишување, затоа што во себе ја носеше онаа чиста љубов за спортот и емоција која не се купува со ниту едни пари на ѕвездите од големите клубови. Овиедо е град кој дише за својот клуб, без разлика во која лига играат, а наградата за тоа беше една година во елитната Ла Лига. Многу од децата кои пораснале на стадионот „Карло Тартјере“ сонувајќи за овој момент, годинава имаа можност да го видат својот клуб како се бори со гигантите како Барселона и Реал Мадрид.

Сега, Реал Овиедо повторно се враќа во втората шпанска лига, но за болката да биде уште поголема, тие мора да се соочат со губењето на својата легенда – капитенот Санти Карзола.

Сè уште се сеќаваме на моментот кога тој на навивачите им ја пееше неофицијалната химна на клубот – песната за надежта за враќање во првата лига, за децата кои пораснале со тие сништа и љубовта кон клубот. Иако тој успеа еднаш да го врати својот клуб од детството во врвот на шпанскиот фудбал, сепак неговиот пат завршува тука.

Навивачите на шега велат дека „тој може да остане во Овиедо додека не почне да оди на патерици ако сака“, но сепак тој реши да се прости од навивачите оваа година.

„ESPN“ направи интервју со него, па ако сакате да ги погледнете вистинските емоции и чистата љубов кон спортот, ви препорачуваме да го изгледате видеото.

Пејачот и голем навивач на клубот, Меленди, кој откако се качувал по скалите на трибините на „Карлос Тартјере“ фатен за рака со својот татко сонувал за враќањето во првата лига, по промоцијата изјави дека се надева дека неговата песна, која стана неофицијална химна на клубот, нема повеќе никогаш да биде испеана. Но, за жал неговата, и желбата на сите навивачи, не се оствари… Им посакуваме наскоро повторно да ги најдат своите херои и да ги гледаме како играат во првата лига. А дотогаш, повторно да ја слушнеме песната „Ќе се вратиме“.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено