„Заврши одморот, сите во сала“: ЕХФ потврди, Вардар пак ќе игра во Лигата на шампионите

 

Објавено:

Она што со денови се шпекулираше низ ракометните кулоари, сега доби и официјална потврда од Европската ракометна федерација (ЕХФ). Македонскиот првак, РК Вардар 1961, по четиригодишна пауза се враќа онаму каде што припаѓа – во елитното друштво на Лигата на шампионите!

ЕХФ позитивно одговори на барањето на „црвено-црните“ за унапредување и им додели „вајлд-карта“ за настап во најсилното клупско натпреварување на стариот континент. Последен пат, скопската гордост беше дел од ракометната елита во сезоната 2021/22, кога успеа да ја мине групната фаза, но беше запрена од унгарски Веспрем во плеј-оф рундата.

„Чупиќ до Мечка: Заврши одморот!“

Клубот го најави ова големо враќање на исклучително креативен и симпатичен начин преку специјално видео на социјалните мрежи.

Во видеото, кружниот напаѓач Милан Лазаревски (познат како Мечка) ужива на заслужен одмор по напорната сезона, обидувајќи се да ги наполни батериите. Но, неговата релаксација ненадејно ја прекинува телефонски повик. Од другата страна на линијата е тренерот Иван Чупиќ, кој му соопштува кратка и јасна порака: „Заврши одморот, сите во сала – Вардар игра во Лигата на шампионите!“

Оваа најава предизвика вистинска еуфорија меѓу навивачите на Вардар, кои со нетрпение ги очекуваат новите европски спектакли во СЦ „Јане Сандански“.

Нов формат со 24 екипи и старо познанство со Раул Гонзалез

Новата сезона во Лигата на шампионите ќе се игра во проширен формат и ќе брои 24 екипи. Своите противници во групната фаза, Вардар ќе ги дознае веќе в петок (26 јуни), кога е закажана официјалната ждрепка, додека стартот на сезоната е предвиден за 9 или 10 септември.

Покрај Вардар, одлуката на ЕХФ донесе радост и во соседството. Српски Партизан, кој од неодамна е предводен од легендарниот поранешен тренер на Вардар, Раул Гонзалез, исто така доби „зелено светло“ за настап во елитата. Ова отвора можност за емотивна пресметка помеѓу „Ел Команданте“ и неговиот поранешен клуб.

Списокот на екипи кои добија „вајлд-карта“ е надополнет со познати европски имиња како Архус и ГОГ Гудме (Данска), Нант и Монпелје (Франција), Фуксе Берлин (Германија), ПИК Сегед (Унгарија), Висла Плоцк (Полска), Порто (Португалија), Целје (Словенија), Кринс Луцерн (Швајцарија) и Кристијанштад (Шведска).

Од друга страна, барањата за унапредување беа одбиени за екипите на Татабања, Валур и Елверум, кои сезоната ќе ја продолжат во Европската лига.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено