Во исход кој никој најверојатно не го очекуваше, српската кошаркарска репрезентација го заврши патот на Еуробаскетот во првиот меч од нокаут-фазата.
Иако уште од почетокот важеа за едни од најголемите фаворити за освојување на златото, Србите не можеа да се снајдат во играта на расположената Финска, па претрпеа неочекуван пораз од 86-92. За Финците ова е прва победа над Србија од 2009 година и второ последователно влегување во четвртфинале – историски успех за оваа генерација.
Финците влетаа во натпреварот со серија од 11-1, па и 16-5, ставајќи ги Србите под притисок уште од првиот момент. Србија накратко успеа да се врати, израмни на 28-28 и замина на одмор со водство 48-44. Но, тоа беше само краток блесок. Финците останаа цврсти, па во последната четвртина влегоа со предност од 68-66.

Клучниот човек за победата беше Елијас Валтонен, кој во последните две минути уфрли осум поени, вклучувајќи тројка и две храбри продори, со што ја запечати судбината на Србија. Валтонен заврши со 13 поени, 4 скока и 3 асистенции, бројки можеби не изгледаат спектакуларно, но неговата улога во финишот беше легендарна.
Лаури Марканен беше лидер со 26 поени и 7 скока, Микаел Јантунен додаде 15, а младиот Миро Литл одигра зрел меч со 13 поени, 6 скока, 4 асистенции и 3 украдени топки. Финска доминираше во офанзивниот скок со дури 20 напаѓачки обиди, што им овозможи втори шанси кои Србија не можеше да ги казни.
Србија повторно се потпре на своите ѕвезди, но тоа не беше доволно. Никола Јокиќ одигра моќен меч со 30 поени и 8 скока, Никола Јовиќ додаде 20 поени, но на моменти изгледаше како само тие двајца да се на теренот. Србија шутираше со само 29% успешност за три поени, што е премалку за екипа што посакуваше титула.
FINLAND HAS COMPLETED ONE OF THE BIGGEST UPSETS IN THE HISTORY OF BASKETBALL#EUROBASKET pic.twitter.com/4QQrJzkCjV
— FIBA EuroBasket (@EuroBasket) September 6, 2025
Ова е втор последователен пат Србија да испадне во осминафиналето, по елиминацијата од Италија во 2022. Финска пак ја прекина низата од осум порази од Србите и за првпат во историјата обезбеди две четвртфиналиња по ред. Следен предизвик за нив ќе биде победникот од дуелот Франција – Грузија.
За Србија останува горчливата вистина дека уште еднаш ќе се врати дома многу порано отколку што навивачите сонуваа.



