Овој викенд заврши првото Светско клупско првенство во овој формат, а САД кои се едни од домаќините на претстојниот Мундијал, веќе почнаа да одбројуваат до следниот голем фудбалски настан што ќе се одржи кај нив.
Со дронови на небото веднаш по завршувањето на клупското првенство, осамна сликата на пехарот за Светското фудбалско првенство во 2026.

Што научивме од овој турнир за домаќините?
САД ќе бидат едни од трите домаќини на претстојниот Мундијал. Тие најавуваат спектакл каков што не сме виделе досега. Светското првенство во фудбал 2026 ќе биде најголемото досега, со рекорден број од 48 репрезентации и три домаќини – САД, Канада и Мексико. Турнирот ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули 2026 година.
Но, Светското клупско првенство покрена многу прашања околу домаќините. Многу од играчите и тренерите се пожалија на квалитетот на терените, кои во поголемиот дел беа адаптирани од американската рагби лига. Исто така, поради усогласеноста со глобалната ТВ публика, натпреварите се играа дневни термини, покажувајќи уште една слабост – претоплото време на некои од локациите каде ќе се одржува и Мундијалот.
САД ветуваат дека недостатоците кои биле увидени на овој турнир ќе бидат санирани до почетокот на Светското првенство, но дали тоа ќе биде така, останува да видиме.
Домаќини и веќе пласирани селекции
Како организатори, САД, Канада и Мексико имаат обезбедено директен пласман. На нив веќе им се придружија следниве селекции:
Азија (AFC): Јапонија, Иран, Јужна Кореја, Узбекистан, Јордан и Австралија
Јужна Америка (CONMEBOL): Аргентина, Бразил и Еквадор
Океанија (OFC): Нов Зеланд
Во наредните месеци ќе бидат познати и останатите учесници, додека последната ждрепка за групната фаза е закажана за декември 2025.

Градови домаќини и нов формат
Натпреварите ќе се играат во 16 градови низ Северна Америка: 11 во САД, 3 во Мексико и 2 во Канада. Финалето е закажано на Метлајф стадионот во Њу Џерси, каде се одржа и финалето на ова Светско клупско првенство.
Турнирот ќе има 12 групи со по 4 тимови, а во осминафиналето ќе се пласираат најдобрите два од секоја група, плус осумте најдобро пласирани третопласирани селекции – вкупно 32 екипи во елиминациска фаза.
Што да очекуваме од новитетите?
Рекордни 104 натпревари, распоредени низ еден месец.
За првпат, сите континентални конфедерации ќе имаат сигурни претставници, вклучувајќи го и Океанија.
Дебитантски настапи за репрезентациите на Јордан, Узбекистан и Нов Зеланд, кои внесуваат нови приказни во глобалната сцена.
Квалификациите продолжуваат до март 2026, а фудбалскиот свет нетрпеливо чека на големата ждрепка во декември. Ние исто така со големи надежи и соништа го очекуваме првиот настап на Македонија на Мундијалите… Останува да веруваме во добрата игра на нашите момци и да не престанеме да се надеваме…




