Збогум за „џелатот“ на Италија: Александар Трајковски се повлекува од репрезентацијата!

 

Објавено:

Македонскиот фудбал денес остана без еден од своите најпрепознатливи симболи. Човекот кој го приреди најголемиот шок во поновата фудбалска историја, стрелецот на култниот гол во Палермо со кој ја клекнавме Италија на колена, Александар Трајковски, официјално стави крај на својата репрезентативна кариера.

Преку емотивно обраќање до јавноста, Трајковски порача дека се повлекува со „крената глава и полно срце“, но не криеше дека одредени работи во последно време го натерале да ја донесе оваа тешка одлука.

„Да ја претставуваш својата земја е чест што не се опишува“

Трајковски, кој со години беше столбот на нашиот напад, со солзи во очите се присети на сите моменти поминати во светиот дрес.

„Од првиот ден кога го облеков дресот, знаев дека тоа не е само обврска – туку чест, гордост и одговорност која не може да се опише со зборови. Секој повик за мене беше како прв – истата возбуда, истата трема и истата желба да дадам сè од себе. Секој гол е момент кој ќе го носам во срцето засекогаш“, вели Трајковски во своето писмо.

Разочарување пред крајот: „Мојот труд не беше доволно вреднуван“

Иако неговото повлекување е исполнето со гордост, популарниот „Алекс“ упати и една горчлива порака која сигурно ќе предизвика дебати во фудбалските кругови. Тој суптилно најави дека во последно време не го чувствувал респектот кој го заслужува еден фудбалер со негово реноме.

„Во изминатиот период чувствувам дека мојот труд и залагање не беа доволно вреднувани. Ова не е лесна одлука… заминувањето боли, но истовремено носи и гордост“, искрен е напаѓачот.

Херојот кој ја расплака Италија

Трајковски засекогаш ќе остане врежан во меморијата на секој Македонец по онаа магична вечер во Палермо во март 2022 година. Неговиот гол во 92-та минута од далечина не само што ја елиминираше Италија од Светското првенство, туку стана симбол на пркосот и квалитетот на оваа генерација.

Тој им се заблагодари на навивачите кои беа неговиот „ветер во грб“ и на соиграчите кои му станаа браќа. Со неговото заминување, Македонија губи стрелец, лидер и голем професионалец.

Ти благодариме за сè, мајсторе! Палермо никогаш нема да го заборавиме! 🇲🇰❤️


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено