Она што до пред две недели изгледаше како научна фантастика, сега е официјална реалност. За првпат по повеќе од 20 години, претседателот на Реал Мадрид, 79-годишниот Флорентино Перез, ќе се соочи со вистински противкандидат на претседателските избори закажани за 7 јуни 2026 година.
Откако Перез, по разочарувачката сезона, свика изненадувачки избори и арогантно ги повика „оние кои работат во сенка“ да излезат на мегдан, ракавицата во лице му ја фрли Енрике Рикелме – 37-годишен шпански бизнисмен и основач на енергетскиот гигант Cox Energy.
Кој е Енрике Рикелме и како ги собра потребните 187 милиони евра?
Изборниот статут на Реал Мадрид (кој Перез вешто го менуваше во своја корист низ годините) налага брутално строги правила за секој кандидат: 20 години непрекинато членство во клубот („социо“) и лична банкарска гаранција од 15% од годишниот буџет на клубот, што во овој момент изнесува вртоглави 187 милиони евра. Токму овие правила му овозможија на Перез да победува без противник во 2013, 2017, 2021 и 2025 година.
Но, Рикелме ги исполнува сите услови. Неговиот татко бил дел од управата на клубот, а самиот Енрике изгради империја во секторот за обновлива енергија. Неговата компанија има 5.000 вработени во 37 земји и генерира приходи од 4 милијарди евра, па финансиската гаранција за него претставуваше само формалност, иако Перез му остави рок од само пет дена да ја обезбеди.
„Не влегов во оваа трка и не ризикував речиси 200 милиони евра од моето лично богатство само за да учествувам. Јас сум тука за да победам. Мојата кариера зборува сама за себе“, изјави Рикелме во своето прво големо интервју.
Војна против приватизацијата: Реал мора да остане на навивачите!
Главниот мотив на Рикелме да влезе во претседателската трка токму сега се плановите на Флорентино Перез да го приватизира клубот, односно да им продаде удел на приватни инвеститори со што Реал Мадрид би престанал да биде во 100% сопственост на своите членови (социосите).
„Зошто Реал Мадрид би престанал да им припаѓа на своите членови? Дали клубот навистина е во толку лоша финансиска состојба? Приватизацијата се користи само како изговор за промена на статутот во корист на луѓе блиски до претседателот. Ние можеме да ги намалиме непродуктивните трошоци за 130 до 140 милиони евра годишно без воопшто да го допреме спортскиот сектор“, дециден е младиот бизнисмен.
Две тајни засилувања и стопирање на враќањето на Мурињо
Појавата на Рикелме целосно ги поремети летните планови на Флорентино Перез. Според добро упатени извори, Перез веќе имал напреднати преговори за сензационално враќање на Жозе Мурињо на клупата на „Сантијаго Бернабеу“, но тој план сега е ставен „на чекање“ додека не поминат изборите.
Од друга страна, Рикелме најавува комплетна реконструкција и професионализација на спортскиот сектор. Иако одби да лицитира со имиња за нов тренер (и покрај шпекулациите за Јирген Клоп), тој потврди дека неговиот тим веќе работи со полна пареа.
„Имаме нов спортски проект. Веќе имаме договорено две нови засилувања кои се финализирани, а работиме и на неколку други. Тренерот кој ќе го донесеме не работел претходно во Реал Мадрид и ќе биде профил на стручњак со кој навивачите ќе бидат исклучително горди“, откри предизвикувачот.
На неполни две недели до гласањето на 7 јуни, атмосферата во Мадрид е доведена до точка на вриење. Дали 100.000 членови ќе му останат верни на архитектот на европската доминација или ќе изберат свежа крв и модернизација, останува да видиме во најголемата фудбалска политичка битка на деценијата.



