Како и во сите спортови во модерното време, така и Формула 1 не останува имуна на потребата да генерира што повеќе приходи и зголемување на својата фан база. Но, дали одлуката за ова може да се компензира со згаснување на нешто што е несомнено огромен дел од историјата на спортот?
Најновите гласини во Формула 1 се дека ова беше последната трка која се одржа на легендарната патека во Имола. Причините за тоа се што во последните години со зголемувањето на популарноста на спортот, едноставно не е економски исплатливо да има две трки кои ќе се одржуваат во Италија.
Прва на удар секако би била Имола, како патека која важи за една од оние кои не одговараат на модерните големи болиди, па поради тоа можностите за претекнување се мали на одредени делови од патеката. Во минатото, кога болидите биле значително помали од денешните, патеката била многу поатрактивна за гледачите, но дали овој викенд им го докажа на критичарите токму спротивното? Според нас, ова беше досега најинтересната трка во сезоната, а возбудата се задржа од првиот свиок на стартот, па сè до последните кругови. И останува повторно прашањето – дали вреди да се избрише суштински момент од историјата на Формула 1, само за да се добијат повеќе пари?

Легендарната историја на Имола: Патека како никоја друга
На околу триесетина километри оддалеченост од Болоња, главниот град на најразвиениот италијански предел Емилија Ромања, се наоѓа парче историја која е неразделен дел од спортот наречен Формула 1. Има неколку патеки во Ф1 историјата кои се интегрален дел од историјата – Монца, Спа, Сузука, Силверстон, па дури и Монако, а Имола е една во низата.
Сместена во живописен предел, каде се чувствува италијанскиот дух и пасија за тркањето, оваа патека на автодромот Енцо и Дино Ферари, има проткаено историја во себе како никоја друга. Тука, на 1-ви мај 1994 година, животот го загуби легендарниот бразилски возач Аиртон Сена, а ден пред него, на квалификациите за трката, Имола го одзеде животот и на австрискиот дебитант Роланд Раценбергер.
Но, иако ова можеби не е убав дел од Формула 1 историјата, сепак е важен дел и нешто што не треба да се заборави. Сена остана да биде симбол на спортот низ годините, неговата пасија за возењето е ненадмината, а наследството што го остави непроценливо. До ден денес фановите кои ја гледаат трката во Имола, одат да го посетат споменикот на трикратниот шампион и да му оддадат почит. Неговиот немирен дух и спротивставувањето на анти-тркачките практики на федерацијата, можеби најдобро се одразуваат и на денешната состојба во поголемиот дел од спортовите. Дали по цена да се изгуби духот на одреден спорт, треба да се форсираат потези кои ја ставаат паричната добивка пред наследството?
Аиртон Сена е тема сам по себе, за кого ќе пишуваме уште долго, но не може да се спомене Имола, без да се спомене смртта на легендата на Формула 1. И она што е најважно – не смее да се остави да згасне неговото наследство, само за да се брза во трката наречена пари.

Враќањето на Имола на календарот на Ф1
Имола веќе беше тргната еднаш од календарот на Формула 1. Порано позната како Големата награда на Сан Марино, оваа трка како таква последен пат се одржа во 2006 година, кога Михаел Шумахер во Ферари го победи тогашниот возач на Рено и сегашниот на Саубер, Фернандо Алонсо, во битка која траеше за време на целата трка. Ваквите трки порано го дефинираа спортот, а таа беше уште една во низата на оваа легендарна патека, каде вештините на возачите доаѓаат во преден план.
Во 2010-тите години изгледаше дека времето на оваа патека е веќе одамна завршено во модерниот Ф1 календар, но со КОВИД-19 пандемијата и ревизијата на календарот во 2020 година, таа повторно се врати во ротацијата, овој пат како Големата награда на Емилија Ромања.

Неизвесната судбина и повторното згаснување
Сега, пет години по враќањето на календарот, трката повторно ја чека неизвесна судбина. Договорот кој заврши со трката којашто се одржа овој викенд сè уште не е обновен, а со приклучувањето на новата трка во Мадрид во календарот за 2026 година, изгледите дека Италија ќе успее да задржи две трки, се сè помали.
Извршниот директор на Ф1 Стефано Доменикали изјави дека форматот нема да отстапи од сегашниот со 24 трки во сезоната, што значи дека нешто ќе мора да испадне, а во моментов изгледа дека тоа ќе биде Имола.
Макс Верстапен, кој овој викенд победи по четврти пат по ред на оваа патека, на прашање од медиумите што мисли за тргањето на оваа патека од календарот изјави: “Сакам да возам тука. Навистина е штета да се изгубат ваквите патеки. Ја разбирам страната на Ф1. Мислам дека за ваквите одлуки треба да се видат две страни, онаа спортската и финансиската. Дали сакате да го растете бизнисот и да го направите попопуларен, но за мене лично, кога станува збор за уживање во возењето, ваквиот вид на патеки направија да се заљубам во возењето, уште од деновите кога возев картинг”.
А, кога се бира страната на спортот или финансиите, ние секогаш ќе бидеме на онаа првата.
Max on loosing Imola
“Loosing these kind of tracks is a shame. I get it from the F1 side. But for me personally when its just the enjoyment of driving. Its these tracks that made me fall in love with racing in general in gokarting”
— Laura 🦋 (@formuLau16) May 18, 2025
Подемот на популарноста и менување на приоритетите
Несомнено е дека Формула 1 спортот во последните години доживува вистинска ренесанса кога станува збор за популарноста и гледаноста. Според нас, тоа се должи на два фактори и растење на базата на две различни групи на фанови.
Едната, привлечена после долги години од генерацискиот талент на Макс Верстапен кој повторно го направи спортот интересен за гледање, со трки кои сами по себе ќе се зборуваат уште долго, како онаа лани во Бразил или освојувањето на првата титула во Абу Даби, потези кои само шоферски генијалец би ги направил, како оној на стартот во Имола овој викенд или милиметарски прецизните квалификациски рунди оваа сезона во значително послаб болид, како и битките со другите шофери кои во својата суштина го носат вистинскиот дух на тркањето.
Секако, не треба да се оспорат ни седумте титули на Хамилтон, но тркањето стана возбудливо кога Макс Верстапен му се “замеша” во надежите за освојување на историската осма титула. Токму во подемот на тогаш младиот Верстапен во време на доминацијата на Хамилтон работите повторно станаа конкурентни, а генерациите фанови на Формула 1 повторно со жар се вратија пред малите екрани и трибините за да ја следат секоја нова битка на патеката.
Другата фан база, можеби вештачки создадена, можеби не, е онаа која дојде со популарноста на спортот во Америка и појавувањето на серијата “Drive to survive” на популарниот стриминг сервис Нетфликс.
Во 2016 година, Формула 1 беше организација која се бореше со потребата да собере доволно пари за одржување на трките. Бројките на гледаност беа во постојан пад, а компанијата “Liberty Media” виде огромен потенцијал надвор од Европскиот пазар и реши да ги откупи правата за Ф1 за проценета вредност од 8 милјарди долари. Потоа, тие го свртеа својот фокус кон пазарот во САД.

Проблемот беше што тој пазар веќе имаше свои трки, како NASCAR и IndyCAR каде правилата се поедноставни, а театарот поголем. За разлика од нив, Ф1 има покомплицирани правила, преноси кои им биле тешки за следење на Американците и репутација на Европски спорт за богатите.
Но, по преземањето од страна на “Liberty Media” работите драстично се променија на овој пазар. Како и скоро во секој спорт, тие го видоа потенцијалот за економска заработка и правење на забавно шоу околу целиот спортски настан. Нивната стратегија се насочи кон маркетинг активностите и вклучувањето на социјалните медиуми како дел од промоцијата на спортот, а со склучувањето на договорот со Нетфликс за снимање на серијата “Drive to survive” работите вртоглаво се промениле.
Самите бројки го покажуваат ова од воведувањето на серијата во 2019 година. Имено, во 2022 година фан базата на Формула 1 во Америка пораснала за 33%, а дури 53% од сите “фанови” ја навеле серијата како инспирација за следење на спортот. Оваа “зараза” се прошири од Америка и на другите континенти, па во 2022 година и трката за Големата награда на Австралија се распродала во рекордно време, а според тамошните извори 40% од картите биле купени од жени, кои се запознале од спортот преку серијата на Нетфликс.
Со ова Формула 1 стана франшиза на забава во Америка. Големите брендови беа привлечени да ги спонзорираат настаните, а трките во Америка се едни од оние кои генерираат најмногу профит за Ф1. Во 2020 година, само една година по појавувањето на серијата, гледаноста на Ф1 трките забележала пораст од дури 49% во однос на претходната година. Во 2021 година оваа бројка пораснала повторно за нови 40%, а со воведувањето на трката во Мајами во 2022 година, биле срушени рекордите на гледаност на Ф1, со публика од 2.6 милиони гледачи.
Наредната година, со воведувањето на трката и во Лас Вегас, шоуто околу Формула 1 стана веќе најнов тренд што мора да се следи. Цените за следење на трките се астрономски, а само доколку сакате да си купите едно капче од омилениот тим, ќе треба да издвоите околу 100 долари.
Сега се очекува овие бројки уште повеќе да се зголемат, со излегувањето на блокбастер филмот за Ф1 во кој глуми славниот актер Бред Пит, во режија на Џозеф Косински, славниот режисер на филмот Топ Ган.
И додека од економски аспект овие бројки се импресивни, останува прашањето дали овие фанови го сакаат вистински спортот или драмата околу него? Серијата “Drive to survive” од година во година станува нешто што се коси со самите принципи на спортот, нејзиното безобразно извртување на фактите, монтажа на кадри кои не ја прикажуваат вистинската состојба на случувањата, барањето на “добриот и лошиот” во приказната како да е Холивудска режија, ве оставаат да се запрашате дали овие фанови се тука само поради лажната приказна на драматичност и театралност која се прикажува во серијата? Дали за нив возачите на Формула 1 се историски лидери во спортот или само машка верзија на реалните шоуа за богатите домаќинки од Беверли Хилс?

Заклучок: Каде оди идината на спортот?
Несомнено е дека светот во спортот се менува за да ги следи новите трендови и правила. Формула 1 не е исклучок од тоа. Но, кога ќе се споредат шармантните патеки како Имола, каде страсните Тифоси навиваат секојпат кога нивните миленици од Ферари ќе поминат на патеката, каде луѓето од балконите на околните куќи ја гледаат возбудата на трката пред нив и каде љубовта кон спортот се гледа во очите на децата закачени на оградата за да видат дел од магијата на Формула 1… со оние модерни трибини во арапските земји или базените покрај патеката во Мајами од каде не се ни гледа трката, каде луѓето се појавуваат само за да бидат видени и да бидат дел од трендот, каде Ф1 трката се следи за да се создаде содржина за социјалните мрежи и каде културата за идолизирање на ТВ ѕвездите се граничи со вистинско лудило… Дали, тогаш вреди да се направи компромисот и да се замени традицијата, љубовта и страста со потребата за уште повеќе пари? На крајот од оваа ера, кој ќе победи вистински во таа трка? Дали спортот или кешот?
Кога ќе биде доволно за да се остави спортот на раат? За да се врати магијата на суштината која спортот треба и мора да ја претставува? Останува да видиме, а дотогаш ние ќе се бориме секогаш за спортот на прво место.
