Женската фудбалска репрезентација на Македонија официјално ги почна подготовките за стартните натпревари од квалификацискиот циклус во Лига Ц. Избраничките на селекторот Александар Андов ги очекува далечно гостување во Баку, а потоа и домашен натпревар во Битола, каде ќе се бараат првите бодови во оваа група.
Прва станица Баку, па спектакл под Тумбе Кафе
Нашите најдобри фудбалерки циклусот го отвораат на 3-ти март против селекцијата на Азербејџан на гостински терен. Само четири дена подоцна, на 7-ми март, македонската јавност ќе има прилика да ги бодри девојките во Битола, каде на стадионот „Под Тумбе Кафе“ ја пречекуваме репрезентацијата на Андора.
Списокот на Андов: Комбинација на домашно првенство и интернационалки
Селекторот Андов се одлучи за проверени сили, а најголем дел од фудбалерките доаѓаат од домашните екипи како Љуботен и Тиверија Брера, надополнети со интернационалките кои настапуваат во Шпанија, Германија и Србија.
Голманки: Ведрана Комненова, Викторија Панчуров, Берна Кабрачки.
Одбрана: Мила Панева, Ане Бошевска, Павлинка Николовска, Васка Василева, Катерина Петкова, Кристина Крстева, Елена Панеска, Христина Јошевска.
Среден ред: Теона Галабовска, Бојана Петкова, Хава Мустафа, Александра Марковска, Симона Мајер (Виљареал), Андреа Коловска, Ева Величкова, Калина Попевски (Црвена Звезда).
Напад: Јилза Максути, Настасја Накова, Меланија Гроздановска, Јована Павловска.
Целта на нашиот национален тим е јасна – освојување на бодови против Азербејџан и Андора за подобра позиција пред пресметките со фаворизираната Унгарија. Ова е нова шанса за женскиот фудбал во Македонија да покаже напредок на меѓународната сцена.



