Мајами Опен го доби финалниот судир кој сите го посакуваа. Светската тенисерка број 1, Арина Сабаленка, и миленичката на домашната публика, Коко Гоф, ќе ги одмерат силите во сабота во битка за престижниот трофеј на „Хард Рок“ стадионот.
Сабаленка повторно ја „скроти“ Рибакина
Во долгоочекуваното полуфинале меѓу првите две на ВТА листата (првпат по 1987 година во Мајами), Арина Сабаленка покажа зошто е на врвот. Белорусинката ја совлада Елена Рибакина со убедливи 6-4, 6-3, демонстрирајќи моќен сервис (9 асови) и агресивност која не и остави простор на Казахстанската тенисерка. По победата, Сабаленка го потпиша објективот на камерата со својот прекар – „Tiger“ (Тигар).
„Мислам дека одиграв неверојатен тенис, денес немаше ништо што можев да направам подобро. Среќна сум за уште едно финале и едвај чекам на битката со Коко“, изјави Сабаленка, која е на чекор да стане само петтата жена во историјата со „Sunshine Double“ (титули во Индијан Велс и Мајами во иста година).

Коко Гоф го победи „синдромот на натрапник“
Американската ѕвезда Коко Гоф експресно се пласираше во своето прво финале во Мајами со победата над Каролина Мухова од 6-1, 6-1 за само 89 минути. По раниот брејк на противничката, Гоф врза неверојатни 10 гемови во низа. Интересно е што пред мечот Коко призна дека понекогаш се чувствува како „натрапник“ меѓу најдобрите, но по оваа доминација, самодовербата е на највисоко ниво.
„Денес не се чувствував како натрапник. Ова е мојот домашен турнир, кој отсекогаш ми бил на листата желби за освојување. Знаев дека формата ќе кликне кога-тога, и мислам дека тоа се случува токму сега“, порача Гоф.
Историјата на нивната страна
Меѓусебниот скор меѓу Гоф и Сабаленка е совршено израмнет 6-6. Она што му дава дополнителна тежина на ова финале е фактот што Гоф ја победи Сабаленка во финалињата на нејзините две Грен слем титули (УС Опен 2023 и Ролан Гарос 2025). Сабаленка ја опишува Коко како „голем борец“ против која мораш да одиграш секогаш по еден удар повеќе.



