Ако сте навивач на Арсенал, веројатно мразите статистика. А ако сте навивач на било кој друг клуб, оваа табела ќе ви го разубави денот побрзо од топло чоколадо.
На Reddit осамна брутална графика која ја покажува „стапката на конверзија“ на титули за тимовите што биле на врвот на табелата за Божиќ во ерата на Премиер лигата. И додека некои тимови се машини за победи, „Топџиите“ се чини дека се специјалисти за… па, подарување.
0% Успешност: Бројките не лажат
Според статистиката, ситуацијата е трагикомична за тимот од Лондон:
- Челси: 5 пати први за Божиќ – 5 титули (100% ефикасност).
- Манчестер Сити: 3 пати први за Божиќ – 3 титули (100% ефикасност).
- Манчестер Јунајтед: 7 пати први – 5 титули (71%).
- Ливерпул: 7 пати први – 2 титули (29%… ауч, и ова боли).
- Арсенал: 4 пати први за Божиќ – 0 титули (0%!).
Да, добро прочитавте. Арсенал е единствениот клуб од „големата шесторка“ кој успеал 4 пати да ја има пол-позицијата додека се јаде мисирка, и 4 пати да заврши со празни раце на крајот.
Дури и Лестер и Блекбурн имаат подобар скор (1/1 – 100%), што само ја прави болката на навивачите на Арсенал уште поголема.
Premier League title conversion rate when top at Christmas
byu/victoria_enthusiast insoccer
Коментарите на социјалните мрежи се безмилосни. Еден корисник пишува: „Ова е хорор филмот со наслов Арсенал“ , додека друг додава: „Лестер и Блекбурн се гиганти за Арсенал во оваа категорија“.
Се чини дека Арсенал има нова улога во лигата: Да ја чува табелата топла за Манчестер Сити додека Пеп Гвардиола не реши да ја вклучи „нуклеарната опција“ во вториот дел од сезоната.
Дали оваа сезона ќе биде 0/5 или конечно ќе се скрши проклетството? Сити „дише во врат“ и покрај убедливата победа на Арсенал вечерва – подгответе пуканки, филмот веќе сме го гледале!



