Само три официјални натпревари на клупата на Баер Леверкузен беа доволни за Ерик Тен Хаг повеќе да не биде тренер на “фармацевтите”. Однадвор изгледа сурово: два порази, едно реми, нула победи. Но вистинските проблеми не лежат само во резултатите, туку под површината, во односите меѓу тренерот и соблекувалната.
По поразот од Хофенхајм и киксот во Бремен (3:3 иако Леверкузен водеше со 3:1 и имаше играч повеќе), управата реши да ја повлече радикалната мерка.
“Никој не сакаше да го направи овој чекор”, изјави спортскиот директор Симон Ролфес. “Но, последните недели покажаа дека со оваа поставеност не е можно да се изгради успешен тим. Сакавме да реагираме пред да стигнеме во погрешна насока”.
Уште од претсезонската турнеја во Бразил се чувствувало дека “хемијата” меѓу Тен Хаг и играчите не функционира. Дел од заминувањата беа очекувани – Флориан Вирц мораше да направи чекор напред, договорот на Џонатан Тах истече, Фримпонг беше подготвен за нов предизвик. Но неколкумина едноставно не го прифатија новиот пристап и методологија по заминувањето на Чаби Алонсо.

Резултатот? Леверкузен изгуби не само талент, туку и лидерство. Најочигледен пример за хаосот беше расправијата меѓу Патрик Шик и Есекјел Палациос околу тоа кој ќе шутира пенал против Вердер. Шик погоди, но тоа никому не му беше тема по мечот.
По натпреварот, дебитантот Малик Тилман изјави дека Тен Хаг ги навредил играчите во соблекувалната, нарекувајќи ги “момчиња наместо мажи” и дека треба да се срамат. Дури и капитенот Роберт Андрих призна дека “има премногу играчи кои играат за себе”.
Во целата приказна вината не е само кај тренерот. Тука се и играчите и управата која ја донесе одлуката, па и тие ќе треба да одговараат. Но како што пишуваат германските медиуми, “чудниот дел во системот кој функционираше со Алонсо беше токму Тен Хаг”.
Отказот можеби изгледа прерано, но за Леверкузен тоа е почеток одново. По репрезентативната пауза за нив сезоната повторно започнува од нула.



