10.8 C
Skopje

Зошто Оскар Пијастри не беше на подиумот за прославата на Мекларен?

Објавено:

Зад кулисите на најпогрешно разбраниот момент во Сингапур

По крајот на Големата награда на Сингапур, додека Мекларен го славеше својот втор последователен шампионат за конструктори, фановите набрзо забележаа нешто чудно: Ландо Норис беше таму, на подиумот, но неговиот тимски колега, Оскар Пијастри, го немаше никаде.

Со оглед на тоа што двајцата се симболот на новата генерација на Мекларен, многумина помислија дека нешто не е во ред. Гласините особено се разгореа поради инцидентот меѓу двајцата возачи на самиот старт на трката, по што Пијастри го изгуби водството пред Норис. Но вистината е многу помалку драматична и многу повеќе “Формула 1” отколку што изгледа.

Сè било спонтана организација

Мекларен пристигна во Сингапур свесен дека може да ја обезбеди титулата кај конструкторите, но никој во тимот не сакал да ја “урочи среќата”. Планот бил, во случај на успех, само брзо да се собере екипата подоцна за една фотографија во гаражата.

Меѓутоа, Формула 1 имаше поинаков план. Одеднаш, по завршувањето на трката, ФИА ги повика Зак Браун и Андреа Стела за интервјуа и реши да организира изненадна церемонија на подиумот, веднаш по традиционалната прослава на првите тројца возачи.

Во таа брза организација, тимот собрал дел од механичарите и инженерите, а возачите не биле предвидени да бидат таму. Но, во моментот кога патот на тимот се вкрстил со тројцата возачи кај собата за разладување, Норис бил буквално “повлечен” назад да им се придружи на прославата.

А, каде беше Пијастри?

Таму каде што секој возач е по една трка – во зоната за медиуми. Австралиецот ги извршуваше своите обврски: мерење, интервјуа за ТВ, разговори со новинарите. И токму додека зборуваше со новинарите, на екраните зад него се појавија сликите од славеничката сцена. Пијастри дури се насмеа, свесен дека го пропушта моментот, но протоколот е протокол.

До моментот кога ги заврши сите интервјуа, подиумот беше празен, а шампањот одамна истечен.

Вистинската прослава дојде подоцна

Подоцна, во гаражата на Мекларен, тимот организираше официјална фотографија со двајцата возачи и целата екипа, симболично обединувајќи го успехот. Иронијата е што овојпат Зак Браун не стигнал за фотографијата, бидејќи тргнал кон аеродромот за да го фати летот за дома.

Мал инцидент, голема врева

Како и многу пати во Формула 1, нешто што изгледа како “внатрешен конфликт” се покажува како обична мешаница во организацијата. Пијастри не ја пропушти прославата поради незадоволство или заборавање од страна на тимот, туку затоа што Формула 1 едноставно се движи со брзина која дури ни возачите не можат секогаш да ја стигнат.

Извор: https://www.formula1.com/

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено