Германскиот тениски ас Александар Зверев продолжува да игра во неверојатен ритам. По напорните неколку недели кои вклучуваа настап на УС Опен и освојување на Лејвер Купот со Тимот на Европа во Лондон, вториот рекет на светот без време за вистински одмор отпатува на другиот крај од планетата и веднаш забележа нова победа.
На стартот од турнирот во Пекинг (Кина Опен), Зверев во два сета го елиминираше Британецот Камерон Нори со 7-6 (1), 6-4. Со овој триумф, првиот носител на турнирот ја продолжи апсолутната доминација во меѓусебните дуели, зголемувајќи го скорот против Нори на перфектни 9-0.
Сервисот како спас во клучните моменти
Иако Нори пружи силен отпор, особено во првиот сет каде што стигна и до брејк шанса која воедно беше и сет-топка, сервисот на Зверев се покажа како непремостлива пречка. Германецот возврати со ас, го одведе сетот во тај-брејк и таму фуриозно славеше со 7-1. Разликата во почетниот удар беше евидентна – Зверев испали 15 асови, наспроти само трите на неговиот противник.
Вториот сет донесе израмнета битка каде што двајцата тенисери сигурно го чуваа својот сервис, соочувајќи се со само по една брејк топка. Единствениот реализиран брејк на мечот се случи на последниот поен, кога Зверев ја искористи шансата за да го затвори дуелот и да избегне нова драма.
„Очекував да бидам многу полош“
Со оглед на огромниот физички напор и драстичната промена на временските зони, Зверев искрено призна дека не знаел што да очекува од себе пред излегувањето на централниот терен во Шангај.
„Малку сум изненаден, бидејќи мислев дека ќе бидам многу полош на теренот. Всушност, прилично сум задоволен од нивото на игра. Навистина не можам да се пожалам како помина денешниот ден. Мислам дека двајцата одигравме меч на високо ниво и дека Камерон играше одлично,“ изјави Зверев.
Мотивација за светскиот врв
Оваа победа е вкупно 57-ма за Зверев оваа сезона, со што тој е апсолутен лидер на АТП турот по бројот на триумфи. Во второто коло го очекува пресметка со домашниот претставник Шанг Јунченг, а крајната цел во азиската турнеја е јасна – симнување на Јаник Синер од првото место на АТП листата.
„Играчите кои настапуваат добро овде обично имаат за што да играат, имаат некаква мотивација која ги влече напред. Јас навистина се чувствувам мотивирано. Имам јасни цели пред себе,“ порача германскиот тенисер.






