За еден месец и еден ден од денес, новиот Камп Ноу треба да биде подготвен за големото отворање на 10 август. Но, дали и покрај надежите на клубот, има реални шанси за ова да се случи?
Ако се земе во предвид историјата на Каталонците со роковите за завршување градби, тогаш можеби реалноста е малку подалеку од очекувањата на клубот. Работите на терен веќе неколку пати беа одложувани, а оригиналниот датум за отворањето во ноември 2024 година одамна помина…
Сега клубот веќе најави дека ќе се врати во својот старо-нов дом на 10 август, за традиционалниот пријателски меч за отворање на сезоната. Ова претставува веќе петти датум кој клубот го дава како конечен за враќањето, но овој пат челниците изгледаат решени дека нема да се вратат трета сезона по ред на “гостување” на стадионот на Монжуик.
Според изворите на реномираниот спортски магазин “The Athletic”, клубот нема План Б во случај стадионот да не е подготвен, па тоа изгледа дека овој пат не е опција. Но, и со толку краток период до отворањето, сепак остануваат отворени многу прашања за тоа што точно ќе може да се очекува доколку се отвори на закажаниот датум и под какви услови?
Cargando: Spotify Camp Nou pic.twitter.com/XUcxp9bXJ7
— FC Barcelona (@FCBarcelona_es) July 4, 2025
Дали приказната ви звучи познато?
Работите на стадионот започнаа во јуни 2023 година, со цел да се модернизира и да се зголеми капацитетот на 105 илјади седишта, со што ќе стане најголем во Европа.
Првично, Камп Ноу требаше да биде отворен со 60% капацитет на 125 годишнината од клубот во ноември 2024 година, со краен рок за целосно завршување до јуни 2026 година, но очигледно е дека тоа не се случи.
Оригинално, датумот во ноември 2024 година бил споменат од страна на Ебру Оздемир, претседателката на Лимак групацијата, која е одговорна за градбата на стадионот. Истата оваа групација, стои и зад проектот Дајмонд во Скопје, а судбината на трговскиот центар и зградите беше слична како и онаа која сега ја доживува Камп Ноу.
Според официјалната страна на Дајмонд Мол, трговскиот центар беше конечно отворен на 20 октомври 2023 година. На церемонијата на отворање меѓу другите челници на Лимак групацијата, тука беше присутна токму и Ебру Оздемир.
После бројни одложувања на датумот на отворање, кога конечно беа пуштени Дајмонд Мол и стамбениот комплекс, тие наидоа на бројни критики од јавноста поради евидентните пропусти и незавршени работи. Јасно беше дека отворањето беше избрзано, а многу од работите се завршуваа после официјалното отворање.
Според искуството со Лимак групацијата во Скопје, дали истото може да се очекува сега и од храмот на каталонскиот фудбал?

Како сега изгледаат шансите на Барса?
Во јули 2024 година, потпретседателката на Барса, Елена Форт во интервју изјави дека “работите течат според плановите”, но тогаш додаде: “Денес може да потврдиме дека стадионот ќе биде подготвен за игра до крајот на годината”. Но, тоа не се случи…
Потоа во септември 2024 година, претседателот на Барса, Жоан Лапорта изјави дека “не сака да дава конкретни датуми за враќање, бидејќи можно е да се случи подоцна од предвиденото, а може да се случи и порано”.
“Верувам дека до крајот на годината ќе бидеме во можност да се вратиме”, додаде сепак тој на прес конференцијата пред новинарите, нешто што повторно не се исполни.
Кога датумот не се оствари, новите соопштенија од клубот гласеа дека “враќањето ќе се случи сигурно во втората половина од идната сезона”, а во јануари 2025 година Елена Форт рече: “Немаме точен датум, но ќе се вратиме оваа сезона. Ќе биде кога ќе може да биде, но ќе биде пред крајот на оваа сезона”…
Инаку, додека се извршуваат градежните работи, Барса игра на Олимпискиот стадион на Монжуик, стадион кој има 40.000 седишта помалку од стариот Камп Ноу. Првично тие планираа таму да одиграат една сезона, но останаа цели две. Во 2023 година, клубот пресмета дека една сезона на Монжуик ќе ги чини 90 милиони евра во изгубени приходи.
A bird’s-eye view of heaven on earth: Spotify Camp Nou. pic.twitter.com/qrOsKTnG6C
— FC Barcelona (@FCBarcelona) May 28, 2025
Што велат сега?
Пред недела дена, клубот најави официјално враќање на стадионот на 10 август за пријателскиот натпревар кој се игра за Жоан Гампер трофејот. Но, пред таа најава, извори од клубот изјавија дека очекуваат капацитетот за враќањето ќе биде ограничен на само 25.000 седишта.
Но, според изворите на “The Athletic”, стадионот уште ги нема добиено дозволите за да може да се реотвори, а заменик градоначалничката Лаја Бонет минатата недела на прес конференција изјави: “Работите мора да бидат завршени на време и според стандардите ако сакаат да аплицираат за првична лиценца за отворањето на првите и вторите трибини”.
“Сè уште не сме таму на терен и ќе ни биде потребно време за да провериме дали стадионот ги исполнува условите за да ги пречека навивачите”, додаде таа.
Од Барса сега велат дека комплетирањето на стадионот се очекува за идното лето, но сепак најверојатно нема ни до тогаш да се стигне со затворањето на кровот, па нема визуелно да биде 100% завршен, но сè друго ќе биде на место.

Кога беше најавен договорот со Лимак, претседателот Лапорта тогаш изјави дека има “гаранции” дека стадионот ќе биде завршен до ноември 2024 година, а доколку се пробие рокот ќе бидат наплатени пенали, но засега нема никаква најава дека такви пенали се наплатени од градежната компанија.
Ова сценарио веќе го видовме и во Скопје, кога Лимак под закана од плаќање пенали реши да го отвори трговскиот центар, а како ќе изгледа Камп Ноу за месец дена од сега, останува да видиме. Сега за сега, не е јасно каде Барса ќе ја одигра новата сезона во Ла Лига.
На барање на клубот, првите натпревари во рамките на Ла Лига се закажани на гостувања, а Каталонците немаат официјално побарано дозвола за користење повторно на Олимпискиот стадион. Одложувањето на градежните работи ги чини Барселона многу пари, не само од аспект на трошоци, туку и од губење на потенцијалниот профит кој тие го очекуваат од новиот стадион.
Нивниот лимит за платите на фудбалерите веќе е надминат, а регулативите за платите веќе им попречија и во носењето на нови играчи, како трансферот на Нико Вилијамс. Од клубот уверуваат дека сè е под контрола на финансиски план и дека силно веруваат во новиот проект и неговата исплатливост.
На крајот, сепак останува еден месец и еден ден да го видиме епилогот од целата оваа драма, а дали Каталонците ќе прифатат Камп Ноу да се отвори во услови во кои се отвори Дајмонд во Скопје, останува да видиме…