Ако нè следите редовно, сигурно веќе сте забележале дека започнавме серијал за историјата на сите клубови од Премиер лигата кои играат во сезоната 2025/26. Денешната приказна има испреплетена историја со уште еден клуб, па прочитајте ја историјата за почетоците на легендарниот Евертон.
Евертон: Клубот што го роди Ливерпул и приказната за тофињата, црквата и кулата
Пред да постои Ливерпул, на легендарниот терен на Енфилд трчаше друг клуб – Евертон. Да, токму така. Првиот тим што играл на Енфилд не бил “црвен”, туку “син”. А оваа приказна, како што е ред за еден од најстарите клубови во Англија, започнува со нешто што нема врска со фудбал, туку со вера, крикет и малку шеќер.
Во далечната 1870 година, група млади од методистичката црква Свети Доминго во Ливерпул се собирале во Стенли Парк да играат крикет. Но, кога дошла зимата и тревата се замрзнала, се јавила идеја: “Ајде да најдеме нешто и за зимата!” и така во 1878 година е основан фудбалскиот клуб Свети Доминго.

Само една година подоцна, на состанок во локалниот паб “Queen’s Head Hotel”, клубот го променил името во Евертон, според населбата во која се наоѓала црквата. Името остана, иако патот на клубот од тој момент станал сè освен едноставен.
Прво играле во Стенли Парк, па во “Прајори Роуд”, од каде биле избркани затоа што навивачите направиле хаос по една победа. Потоа се преселиле на Енфилд Роуд, земјиште пронајдено од влијателниот Џон Холдинг, човекот кој, без да знае, ќе стане “татко” и на Ливерпул. Кога Холдинг почнал да бара поголема кирија и да го монополизира пивото и храната на трибините, дел од раководството предводено од Џорџ Махон рекол доста. Во 1892 година, Евертон си заминал, а на Енфилд останале луѓето на Холдинг. Откако не успеале да го задржат името “Евертон”, се преименувале во Ливерпул.

Евертон се преселил во нов дом, Гудисон Парк, првиот вистински фудбалски стадион во Англија со три трибини и капацитет од 11.000 гледачи. И таму, покрај теренот, се наоѓа нешто единствено во светот на фудбалот – црква. Храмот Свети Лука стои прилепен до трибините, толку блиску што во недела наутро мирисот на свеќи и црковните песни се мешаат со звукот на навивачите и топката.
Но ако Гудисон е дом, тогаш тофи карамелите се душата на Евертон. Две слаткарници го формирале идентитетот на клубот: “Ye Anciente Everton Toffee House”, каде што “старата Ма Башел” го измислила првото “Евертон Тофи” и “Mother Noblett’s Toffee Shop”, која по преселбата на клубот направила нова верзија “Евертон Минтс”, со црно-бели ленти инспирирани од старите дресови.

Оттаму потекнува и традицијата на “Тофи Дамата” (The Toffee Lady), девојка која пред секој меч на Гудисон фрла бонбони кон публиката. Оваа традиција трае и денес, повеќе од еден век подоцна.
Амблемот на клубот, со кулата што гордо се издига во средината, ја претставува Рупертовата кула, некогашен затвор за пијани и немирни жители на Евертон Хил од 1787 година. Под неа стои латинскиот натпис: “Nil satis nisi optimum” или “Ништо помалку од најдоброто”.

И така, приказната на Евертон не е само за трофи, туку за духот на градот, за верноста, за слаткарниците и црквата, за скромниот почеток што случајно го создаде најголемото градско ривалство во фудбалот.
Од Свети Доминго до Гудисон, од крикет до славната “Школа на науката”, Евертон останува клуб што не бара слава, туку совршенство.
„Nil satis nisi optimum.“
И ништо помалку од тоа.

Историјата на сите клубови од Премиер лигата:
Арсенал
Астон Вила
Борнмут
Брентфорд
Брајтон
Барнли
Челси
Кристал Палас



