Историјата на сите клубови од Премиер лигата: Барнли

Објавено:

После интензивните неколку дена со квалификациите за Светското првенство, продолжуваме со нашиот серијал на статии за “Историјата на сите клубови од Премиер лигата”. Ова е приказната за Барнли.

Барнли: Од рагби клуб до историскиот Турф Мур

Неколку фудбалски клубови во Англија започнале како дел од други спортски здруженија, најчесто крикет клубови кои во зимскиот период барале нешто што ќе ги држи во форма. Но, приказната на Барнли е малку поинаква.

Во раните 1870-ти во градот постоел Барнли Роверс рагби клубот, но во 1882 година дел од членовите решиле дека е време да се направи промена. Фудбалот тогаш брзо растел во популарност, па на состанок во “Bull Hotel” било изгласано клубот да го замени рагбито со фудбал. Така е роден фудбалскиот клуб Барнли. Од името било исфрлено “Роверс”, а новоформираниот клуб сакал да покаже дека токму тој ќе биде главниот претставник на градот.

Извор: https://burnleyfootballclub.com

Кратко време играле на “Калдер Вејл”, но набргу се преселиле на “Турф Мур”, каде што и денес го имаат својот дом. Тоа бил стадион што го делеле со Барнли крикет клубот, чии терени сè уште се веднаш до фудбалските.

Иако првично не биле дел од Фудбалската асоцијација, бидејќи се сметале за професионален клуб во време кога тоа било забрането, Барнли подоцна станал еден од 12-те основачи на Фудбалската лига во 1888 година.

Оттогаш, клубот успеа да ги освои сите големи домашни трофеи, со исклучок на Лига купот.

Извор: https://burnleyfootballclub.com

Од “стршлени” до “винари”

Денес Барнли е препознатлив по своите бордо-сини дресови и прекарот “Винарите” (The Clarets), но тоа не било секогаш така. Првите бои на клубот биле црно-жолти линии, поради што ги викале “Стршлените” (The Hornets).

Подоцна, клубот експериментирал со зелена опрема (која се сметала за “несреќна боја”), сè до 1911 година, кога се појавила легендарната комбинација бордо и сино, инспирирана од успешниот Астон Вила.

И токму таа промена ја донела среќата – Барнли во 1914 година го освоил ФА Купот, со победа над Ливерпул (1-0) на првиот финален натпревар што го следел владејачки монарх. Кралот, дипломатски, носел црвена роза, симболот на Ланкашир, од каде што доаѓале двата тима.

Извор: https://burnleyfootballclub.com

Симболика и грб на клубот

Првиот грб на Барнли бил адаптација на градскиот амблем. Брановидната сина линија ја симболизирала реката Брун, житото ја претставувало земјоделската традиција, а раката го носела мотивот на градот – “Држи се до вистината” (Hold to the Truth), поврзан со семејството Таунели.

Лавот на грбот ја симболизира кралската посета, бидејќи “Турф Мур” бил првиот стадион посетен од монарх во 1886 година, кога принцот Алберт гледал натпревар против Болтон.

Извор: https://thebeautifulhistory

На грбот се наоѓал и штрк, поврзан со семејството Старки, кое било влијателно во областа, додека памучните растенија под него се потсетник на текстилната индустрија – гордоста на Барнли во 19-от век.

Современиот амблем, воведен во 1970-тите, ја задржува истата симболика – пчелата ја претставува работливоста на градот и “Beehole End” трибината, лавовите ја претставуваат кралската посета, витешкиот шлем потсетува на благородните семејства Таунели и Шатлворт, а лентата го симболизира текстилното наследство.

Извор: https://thebeautifulhistory

Традицијата живее

Барнли со децении ја одржува својата идентичност – клуб од мал град со големо срце. Боите што им донесоа трофеи во 1914 и 1960 година остануваат најголем симбол на традицијата и гордоста на навивачите од “Турф Мур”. И додека Барнли можеби не е најгласниот, тој е еден од највистинските клубови во Премиер лигата.

Извор: https://burnleyfootballclub.com

Ако ти се виде интересна оваа приказна, прочитај ги сите досега објавени статии од овој серијал 🙂

Арсенал
Астон Вила
Борнмут
Брентфорд
Брајтон

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено