Додека целото внимание е насочено кон трката за титулата, во Кратово денеска (13:00 часот) се игра исклучително важен натпревар кој може да ја одреди судбината на двете екипи. Силекс, кој е во најдобра форма во лигата со три победи по ред, ја пречекува АП Брера во директна пресметка на амбициите – Европа наспроти опстанок.
Кратовци успеаја да излезат од резултатската криза и сега со полна самодоверба гледаат кон третото место на табелата, додека Струмичани во секој натпревар до крајот на сезоната влегуваат како во финале за да го избегнат баражот.
Џеков: „Се бориме за третото место додека има теоретски шанси“
Голманот на Силекс, Љупче Џеков, потврдува дека атмосферата во тимот е на највисоко ниво и дека серијата победи е само поттик за нов успех.
„Радува добрата форма и посакуваме оваа серија да потрае. Сè додека имаме шанси за тоа трето место, ние ќе се бориме до крај. Имаме голем мотив да освоиме бодови и да се пласираме погоре на табелата. Одиме по нашата цел, да ги исполниме задачите од стручниот штаб и се надевам дека тоа ќе биде доволно за нова победа“, изјави Џеков.
Алаѓозовски: „Респект за Силекс, но ни треба успех за опстанок“
Од друга страна, АП Брера има само една победа во последните пет кола, но тренерот Мартин Алаѓозовски верува во капацитетот на своите фудбалери да изненадат на едно од најтешките гостувања во лигата.
„На последните два меча ремизиравме, а бодови ни се неопходни за да ја оствариме нашата цел – директен опстанок во елитата. Имаме респект за Силекс кој е во одлична форма, но ние посакуваме успех во Кратово. Нема да биде лесно, но ќе сториме сè за да се вратиме со позитивен резултат“, порачува Алаѓозовски.
Силекс со евентуална победа сериозно ќе изврши притисок врз Струга ТЛ, додека за АП Брера секој бод од Градскиот стадион во Кратово би бил злато вреден во битката за опстанок.



