Арсенал го продава Мартинели во Саудиска Арабија за над 50 милиони фунти!

 

Објавено:

Англискиот фудбалски шампион Арсенал е во напредни преговори со саудискиот клуб Ал-Хилал за продажба на бразилскиот офанзивец Габриел Мартинели. Според информациите од Островот, трансферот се проценува на најмалку 50 милиони фунти, а преговорите меѓу двата клуба се интензивирале во последните 24 часа.

Артета го пречкрта Бразилецот

Дваесет и петгодишниот Мартинели доби зелено светло да го напушти „Емирати“ ова лето, откако менаџерот Микел Артета јасно му стави до знаење дека не е во неговите планови за новата сезона. Бразилецот веќе беше изоставен од составот за воведниот натпревар во Премиер лигата во кој Арсенал славеше со 3-0 против Ковентри.

Доколку клубовите постигнат конечен договор, конечниот збор ќе го има самиот Мартинели. Тој претходно веќе одби трансфер во турски Галатасарај, а сега ќе треба да одлучи дали сака кариерата да ја продолжи во Саудиската Про лига. Понудата од Ал-Хилал вклучува финансиски пакет кој е драстично поголем од неговата актуелна плата во Арсенал, која изнесува 180.000 фунти неделно. Мартинели влегува во последните 12 месеци од својот договор со лондонскиот клуб.

Извор: https://www.arsenal.com

Критики од Ијан Рајт: „Непријатно е како се третира Мартинели“

Ваквиот расплет на настаните предизвика реакции кај легендите на клубот. Поранешниот напаѓач на Арсенал, Ијан Рајт, отворено ја критикуваше одлуката на Артета и односот на клубот кон играчот кој минатата сезона одигра 53 натпревари и постигна 11 голови во шампионската кампања на „топчиите“.

„Начинот на кој Мартинели се третира во моментов навистина прави да се чувствувам непријатно. Знам дека можеби сакаат тој да си замине и многу луѓе ќе кажат дека е време да се продаде. Но, постојат начини како тоа да се направи, а процесот треба да му одговара и нему, и на начинот на кој тој сака да си замине“, изјави Рајт за „Sky Sports“.

Ал-Хилал подготвува богатство, на мета и Оли Воткинс

Интересот на Ал-Хилал за Мартинели се одвива паралелно со нивниот обид да го ангажираат и напаѓачот на Астон Вила, Оли Воткинс. Англискиот репрезентативец не настапи во поразот на Вила од Брајтон минатиот викенд, а менаџерот Унаи Емери одби да гарантира дека неговиот напаѓач ќе остане на „Вила Парк“, што најавува жешка завршница на летниот преоден рок.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено