Поминаа речиси единаесет месеци, но конечно проектот на Рубен Аморим доби свој потпис. Манчестер Јунајтед го совлада Ливерпул на “Енфилд” за првпат во Премиер лигата по 2016 година. Го анализираме мечот кој привлече најголемо внимание викендов.
Хари Мегваер, кој само пред девет месеци промаши стопроцентна шанса за триумф на истиот стадион, овојпат беше херојот. Неговиот удар со глава по совршен волеј центаршут на Бруно Фернандеш го замолкна “Енфилд”, само неколку минути откако Гакпо израмни и му даде живот на тимот на Арне Слот.
Но ова не беше приказна за Мегваер, туку за Аморим, човекот кој конечно донесе структура, дисциплина и психолошка сила на Јунајтед. Со оваа победа, “црвените ѓаволи” врзаа два триумфа по ред во лигата и се приближија на само два бода зад Ливерпул.

Тактичка лекција од Португалецот
Јунајтед изгледаше подготвен за секој потег на Арне Слот. Аморим се одлучи за Мејсон Маунт наместо Бенјамин Шешко, одлука која ја смени динамиката на натпреварот. Наместо долги топки, Јунајтед ја контролираше играта по земја, со трпеливо градење од задната линија, избегнувајќи воздушни дуели со Ван Дајк.
Бруно и Касемиро функционираа совршено во срцето на теренот, а одбраната предводена од Мегваер и Лисандро Мартинез одолеа на силниот притисок на Ливерпул. За првпат по долго време, Јунајтед делуваше како тим со јасна идеја и менталитет на победник.

Ливерпул без план и без контрола
Од другата страна, Арне Слот изгледаше беспомошно. Ливерпул беше фрагментиран, без јасна структура. Мак Алистер и Собослаи ретко ја допираа топката, додека Гравенберх остана изолиран пред одбраната. Тимот делуваше без баланс, особено по тројната измена на часот игра, кога Слот го претвори системот во хаотичен 4-2-4.
Тоа донесе краток налет, израмнувачки гол на Гакпо, но и отвори празнини во одбраната кои Јунајтед немилосрдно ги искористи. Мегваер ја казни таа наивност, а Ливерпул беше оставен со празни раце и уште едно разочарување.
Криза што расте на “Енфилд”
Ова е четврти последователен пораз на Ливерпул во сите натпреварувања, нешто што не се случило од 2014 година. Салах делува отсечен без Арнолд, Вирц и Екитике не ја донесоа очекуваната енергија, а напаѓачката линија делуваше преполна, но без идеја.
“Создадовме шанси, но реалноста е дека изгубивме”, призна Ван Дајк по натпреварот. “Не смееме да дозволиме ова да стане навика”.
Нов почеток за Јунајтед?
За Аморим, оваа победа значи повеќе од три бода. Тоа е сигнал дека неговата визија почнува да функционира. Одбраната е стабилна, средината флексибилна, нападот ефикасен. И најважно од сè Јунајтед повторно изгледа како клуб што верува во себе.
“Можеби велат дека е само победа, но за нас значи многу повеќе”, изјави Мегваер. “Ова е момент што ќе го паметат сите навивачи”.
По долго време, “Енфилд” не беше место на болка за Јунајтед, туку сцена на едно ново поглавје. Аморим покажа дека не е само теоретичар од Португалија, туку тренер кој знае како да ги победи најдобрите.


