Вардар го потврди статусот на фаворит и со победа од 3:1 над Новаци обезбеди пласман во четвртфиналето од Купот на Македонија.
Актуелниот бранител на трофејот рано го отвори натпреварот. Едиз Спахиу погоди во осмата минута, а десет минути подоцна Азер Омерагиќ ја зголеми предноста на 2:0.
Новаци се врати во игра во самиот финиш од првото полувреме кога Ивановски беше прецизен од пенал за 2:1, но тоа беше сè што домаќинот успеа да направи. Вардар ја контролираше играта во вториот дел и преку Ворен во 79-та минута го потврди триумфот и пласманот меѓу осумте најдобри екипи во натпреварувањето.
Со овој резултат, “црвено-црните” им се приклучија на Силекс, Струга ТЛ, Работнички, Шкендија Арачиново, Детонит Плачковица и Охрид Лихнидос во четвртфиналето. Последниот учесник ќе биде познат на 19 ноември, кога Шкендија Тетово ќе се соочи со Тиквеш.



