Вечното дерби на македонскиот фудбал уште еднаш ја запали фудбалската сцена. Пелистер и Вардар одиграа натпревар полн со енергија, страст и контроверзии пред преполните трибини на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола. Победата на крај ја однесе скопски Вардар (2-1), но Битолчани ја напуштија тревата со високо кренати глави, по натпревар во кој беа рамноправен противник до последната секунда.
Прво полувреме: притисок на Вардар, отпор на Пелистер
Вардар го започна дербито како фаворит и ја презеде иницијативата уште од стартот. Во деветтата минута Матиќ беше највисок по корнерот, но ударот со глава заврши покрај стативата. Две минути подоцна Бабунски ја имаше следната шанса по проигрување од Мато, а во 22-та минута и Тодоровски се закани кон голот на Јовчевски.
Но, по почетниот притисок, домаќините ја стабилизираа играта. Белиќ во 26-та минута се обиде со силен удар од 20 метри, а во судиското надополнување од првиот дел Булатовиќ го натера Талески да интервенира одлично по еден опасен слободен удар. Публиката чувствуваше дека овој Пелистер не е тука само да се брани.
Втор дел: ерупција од емоции и спорни моменти
Вториот дел започна со „оган на теренот“. Во 53-та минута Мато ја искористи грешката во одбраната на Пелистер и ја претвори во водство на Вардар со прецизен удар по прекрасна асистенција.
Сепак, домаќините не паднаа. Само шест минути подоцна, Спировски биеше силно од 25 метри, Талески одби, а Петар Петковски најбрзо реагираше и погоди за 1-1. Следуваше проверка на ситуацијата преку ВАР по барање на Вардарци за офсајд, но голот беше потврден за голема радост за битолчани.
Вардар ја имаше најубавата шанса во 68-та минута кога Омерагиќ остана сам пред Јовчевски, но не успеа да ја скроти топката. Сепак, притисокот на Скопјани вроди со плод. Во 80-та минута, Данев беше соборен во казнениот простор по дуел со Спировски по што беше досуден пенал за Вардар. Закариќ беше сигурен изведувач во 83-та минута, за конечни 1-2.
Финишот донесе уште повеќе тензија – шут на Данев во 87-та минута, обид на Мирко Ивановски за израмнување и бурни реакции на домашните поради две ситуации во кои бараа пенал. Судиската свирка на Грујовски предизвика жестоки реакции, особено поради последната спорна ситуација со игра со рака.
Вардар останува непоразен, Пелистер во опасната зона
Со оваа победа, Вардар останува единствена непоразена екипа по 12 кола, со 30 освоени бода и повторно на врвот на табелата. Пелистер, пак, со само 8 бода, останува на 10-то место и влегува во деликатна борба за опстанок.
Во следното коло, Вардар во Скопје го пречекува Тиквеш, додека Пелистер во Битола ќе ја дочека екипата на АП Брера.
Официјална анализа на ФФМ: Сите четири клучни одлуки биле исправни
Неколку часа по завршувањето на дербито, Фудбалската федерација на Македонија излезе со официјална стручна судиска анализа за натпреварот. Во извештајот стои дека сите четири клучни одлуки на судискиот тим биле правилни, а перформансот бил оценет како „високо квалитетен“.
🔸 Првата ситуација (42’) – играње со рака на домашен играч, без намера и без зголемување на телесниот волумен. Судијата правилно ја продолжил играта.
🔸 Втората ситуација (60’) – регуларен израмнувачки гол на Пелистер, потврден од ВАР поради дозволена позиција на стрелецот.
🔸 Третата ситуација (80’) – пенал за Вардар, правилно досуден по прекршок на играчот на Пелистер врз гостинскиот напаѓач.
🔸 Четвртата ситуација (крај на натпреварот) – топка што го погодува одбранбениот играч во задниот дел од телото, а потоа случајно и во дланката – неказниво играње со рака.
ФФМ заклучува дека судискиот тим покажал конзистентен критериум, правилна проценка и одлично техничко менаџирање во дербито кое предизвика големо внимание во јавноста.



