Шампионот на Македонија од сезоните 23/24 и 22/23, Струга Трим Лум, експресно го отвори зимскиот преоден рок со ангажман на една од најважните позиции во тимот. Новиот чувар на мрежата на стружани е 21-годишниот Васко Василев, кој доаѓа од редовите на Работнички.
Младиот голман, кој е стандарден член на младинската репрезентација на Македонија (У21), стави потпис на договор со важност од две и пол години, односно до летото 2028 година.
Искуство од Португалија и Србија
Иако има само 21 година, Василев веќе има богато интернационално искуство. Својата кариера ја започна во Вардар, по што беше дел од младинските школи на Црвена Звезда во Србија и Рио Аве во Португалија.
Во македонскиот фудбал се врати во летото 2024 година, прво во Гостивар, а изминатата есен ја помина во Работнички, каде бранеше на 13 натпревари во ПМФЛ.
„Врз основа на неговите квалитети и минато, раководството на клубот одлучи да потпише договор на две и пол години“, информираат од Струга ТЛ.
Василев беше претставен од спортскиот директор Бесарт Исаку и се очекува да биде значајно засилување во битката за титулата во пролетниот дел од сезоната.



