Македонската ракометна репрезентација со драма, карактер и фантастичен финиш го заврши настапот на „Жолтиот Куп“ во Швајцарија. Во директниот дуел за трофејот, избраниците на Кирил Лазаров одиграа реми 29:29 против домаќинот Швајцарија, што ни го донесе второто место на турнирот поради послабата гол-разлика.
Ова беше натпревар со две различни лица, лошо прво полувреме и херојско враќање во вториот дел, предводено од голманите и играчот на натпреварот Марко Митев.
Лош старт и негатива на полувреме
Почетокот не ветуваше многу. Швајцарците, носени од домашната публика, брзо се одлепија и ја казнуваа секоја грешка на нашиот напад. И покрај неколкуте блесоци на голманите Никола Митревски и Мартин Томовски (кој одбрани и пенал), домаќините на одмор заминаа со убедливи 18:13, благодарение на головите од транзиција и грешките на „црвено-жолтите“.
Враќање во игра и драма во финишот
Во второто полувреме, Македонија покажа друго лице. Одбраната се стегна, а нападот стана побрз и поконкретен. Полека ја топевме предноста, а клучниот момент се случи кога капитенот Филип Кузмановски погоди за 25:24, принудувајќи го селекторот на Швајцарија, Енди Шмид, да побара тајм-аут.
Во вистинска драма во последните минути, Македонија дури и поведе со голот на Никола Костески за 26:27. Швајцарија се врати, но Марко Митев ја презеде одговорноста кога беше најтешко. Младиот бек прво израмни на 28:28, а потоа со фантастичен удар во последните секунди погоди за конечни 29:29 и замолкнување на салата во Винтертур.
Македонија го завршува турнирот со две победи и едно реми, што е одлична најава пред патот за Данска и стартот на Европското првенство.



