ЕХФ го објави Дрим-Тимот!

 

Објавено:

Магдебург и Данска доминираат, Шоштариќ и Фабрегас со место меѓу ѕвездите!

Европската ракометна федерација (ЕХФ) го објави идеалниот тим на сезоната 2024/25, составен од играчи кои ги одбележаа натпреварувањата на клупско и репрезентативно ниво. По гласањето во кое учествуваа играчи, тренери, новинари и навивачи, избрана е „поставата од соништата“ која ја одбележа доминацијата на германскиот ракомет и данската ракометна школа.

Екипата на Магдебург, иако не успеа да ја одбрани титулата во Лигата на шампионите, има дури тројца свои претставници во идеалниот тим, што е најмногу од сите клубови.

ИДЕАЛЕН ТИМ НА СЕЗОНАТА 2024/25:

  • Голман: Емил Нилсен (Данска, Барселона)
  • Лево крило: Емил Јакобсен (Данска, Фленсбург)
  • Лев бек: Феликс Клар (Шведска, Магдебург)
  • Среден бек: Гисли Кристијансон (Исланд, Магдебург)
  • Десен бек: Матијас Гидсел (Данска, Фуксе Берлин)
  • Десно крило: Марио Шоштариќ (Хрватска, ПИК Сегед)
  • Пивот: Лудовик Фабрегас (Франција, Веспрем)
  • Дефанзивец: Магнус Саугструп (Данска, Магдебург)
Извор: European Handball Federation @EHF_Activities {https://x.com/EHF_Activities/status/1937813808325783599/photo/1}

Она што веднаш паѓа во очи е неверојатната доминација на данските ракометари, кои имаат дури четворица свои претставници во тимот на сезоната, потврдувајќи го статусот на апсолутна светска велесила.

Францускиот пивот Лудовик Фабрегас, кој е вистински ас на својата позиција, трета година по ред е избран за најдобар на светот, додека за Матијас Гидсел, Емил Нилсен и Магнус Саугструп ова е втор последователен избор во идеалниот тим. Саугструп уште еднаш докажа дека е неприкосновен дефанзивен бедем и клучен играч во одбраната на Магдебург.

Честа на балканскиот ракомет ја брани хрватското десно крило Марио Шоштариќ, кој со одличните партии во дресот на ПИК Сегед заслужено се најде меѓу најдобрите.

Од овие осум ракометари, ЕХФ дополнително ќе го избере најкорисниот играч (МВП) на сезоната, а прогласувањето ќе се случи на ждрепката за новата сезона во Лигата на шампионите, која е закажана за петок во Виена.

 

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено