Еден од најголемите спортски пресврти во последниве години — Париз Сен Жермен конечно ја освои толку посакуваната титула во Лигата на шампионите… без Килијан Мбапе. А сега, француската ѕвезда реши да удри по поранешниот клуб — со тужба за “морално малтретирање”.
Иако на теренот остави наследство од 256 голови во седум сезони и бројни титули, заминувањето на Мбапе од ПСЖ беше сè освен достоинствено. Французинот минатото лето замина во Реал Мадрид како слободен агент, откако претходно одби да го продолжи договорот и влезе во отворен конфликт со раководството.
Според информациите, Мбапе смета дека ПСЖ му должи 55 милиони евра за неисплатени плати, но уште посериозно — го обвинува клубот за “лофтинг”, пракса во Франција каде што играчите се изолираат од тимот од спортски или дисциплински причини.

Токму тоа му се случи летото 2023 година, кога поради одбивањето да го продолжи договорот, ПСЖ го изостави од турнејата во Азија и го тренираше одделно од тимот. Клубот беше подготвен да го продаде, дури прифати и понуда од 300 милиони евра од Ал Хилал, но Мбапе одби трансфер во Саудиска Арабија.
Иронијата е голема — без Мбапе, ПСЖ конечно го скрши европското проклетство и ја освои Лигата на шампионите оваа сезона, прва во својата историја. Атмосферата во клубот, според многу извори, значително се подобри по неговото заминување, а тимот пронајде вистински колективен дух.
Мбапе, пак, иако веќе игра за Реал Мадрид, не ја затвора страницата со ПСЖ. Со тужбата за морално малтретирање сака правдата да биде на негова страна, но паралелно, се потврдуваат и шпекулациите дека односите меѓу него и клубот одамна биле затегнати — од незадоволството за неисполнети ветувања при последниот договор, до свирежите од трибините на последниот натпревар во Париз.
Еден епилог е јасен — ПСЖ блеска на врвот на Европа, а Мбапе продолжува да го пишува својот пат во белото на Реал, но сенката на овој конфликт сè уште трае…



