Уф… Емоциите полека стивнуваат по онаков „инфаркт“ натпревар, но кнедлата во грлото сè уште е присутна. Што да се каже, а да не се погреши? Најпрво, капа долу за момците на терен, капа долу за стручниот штаб на чело со Кире Лазаров и Столе Стоилов. Тие вечерва покажаа како се гине за националниот дрес.
Но, мора да се каже и едно гласно „УА“ за ЕХФ и делењето на правдата. Дали сме пристрасни? Не, не сме. Ова што денес го видовме во Хернинг е токму она што не му дозволува на овој прекрасен спорт да прерасне во глобална атракција.

Давид против Голијат (и неговите „помошници“)
Оние истите што го имаат „запоседнато“ ракометот си го чуваат како очи во глава, и кога ќе се појават херои како нашите, подготвени да ги рашират крилјата како феникс, не им се дозволува да полетаат. Зошто? Поради луѓето во црно (или во овој случај, зелено).
Повторно, повторно и повторно го гледаме истото сценарио. Секоја 50/50 одлука оди во корист на „поголемиот“ на хартија.
- Измислени црвени картони: Исклучувањето на Никола Маркоски во 15-тата минута беше престрого и го наруши целиот дефанзивен концепт.
- Двојни аршини: Недосудени пенали за нас, а „подарени“ за Португалија. Блатантни прекршоци во напад кои се игнорираа кога Португалија напаѓаше.
За жал, во овој спорт често не е најважен голманот (иако Томовски вечерва беше вонземјанин), ниту најдобриот играч (Кузмановски, длабок поклон), туку за жал секогаш е тој „трет фактор“ на теренот.
Драмата во финишот: Среќата им го сврте грбот на храбрите
И покрај сето ова, Македонија се врати од -5 во второто полувреме! Со срце, со инает, со квалитет. Но, повторно таа пуста спортска среќа (или можеби недостиг на онаа спортска дрскост и „своељубост“ што ги краси шампионите).
Во последните секунди, по маестралните, двојни зицер-одбрани на Мартин Томовски, топката се одби до Мартин Серафимов. Во тој клучен момент, лепливата ракометарска топка му испадна од рацете, одземајќи ни ја шансата за целосен пресврт и историска победа која ќе ги замолчеше сите критичари.
Кузмановски го стигна Лазаров: Партија за историја!
Ако бараме светла точка, тоа е Филип Кузмановски. Капитенот одигра натпревар каков што ретко се гледа – постигна неверојатни 15 голови (од 18 обиди)! Со ова, тој го израмни рекордот на неговиот селектор Кирил Лазаров за најмногу голови на еден меч за репрезентацијата (поставен во 2009 против Ј. Кореја).
„Игравме со срце, душа и глава за Македонија! Денес денот беше посебен, сите имаа крв во очите,“ изјави емотивниот Кузмановски по мечот.
Лазаров: „Не смеам да кажам што ми лежи на душа“
Селекторот Кирил Лазаров беше видно вознемирен, но дипломатски воздржан по мечот, свесен дека секој погрешен збор може скапо да чини.
„Не знам дали смеам да кажам што ми е на душа… Мора да бидеме претпазливи. Ние сме мала земја, деградирани сме, не е лесно да играш против вакви велесили. Ова не е алиби, тоа е реалноста,“ изјави Лазаров, додавајќи дека по повредата на крилата морале да „измислуваат топла вода“ во тактиката.
Математиката е јасна: Вторник е „Ден Д“!
Со овој бод, Македонија е сè уште жива. Еве што ни треба за пласман во ТОП 12:
- Победа над Романија: Мораме да победиме, и тоа по можност со што поголема разлика.
- Помош од Данска: Треба да се надеваме дека Данска (која веќе е пласирана) ќе ја победи Португалија.
- Гол-разлика: Ако ние и Португалија завршиме со ист број бодови (3), ќе решава вкупната гол-разлика. Моментално Португалија е на +6, а ние на -12. Ни треба убедлив триумф и убедлив пораз на Португалците.
Лазаров на крајот дури и се пошегува: „Нека се сетат Данците на 2012 година во Србија (кога ние ги победивме за тие да одат понатаму и да станат шампиони) и нека ни помогнат!“



