Анализа на Горан Талевски
Натпреварите на македонската репрезентација никогаш не се „само обични натпревари”. Тие се секогаш тест за нервите, драма во повеќе чинови и емоционален „ролеркостер”. Синоќа против Португалија не беше исклучок. Иако на семафорот пишуваше 29:29, чувството е како да сме победиле. Не поради бодот, туку поради начинот на кој стигнавме до него. Кога сè се чинеше изгубено, кога судиите на момент, среќата, повредите и резултатот беа против нас, момците на Кире Лазаров покажаа нешто што не се тренира: ментална цврстина и одбивање да се предадат.
Тактичко надмудрување и борба со малерите во првиот дел
Натпреварот го отворивме онака како што посакувавме – со изненадување за противникот. Лазаров постави агресивна 5-1 зона во одбраната со Џонов како „командос” напред, потег што целосно ги исфрли Португалците од ритам. Нивната препознатлива брза транзиција беше пресечена во корен. Иако нападот ни делуваше бавно, со долги акции до работ на пасивен, тоа беше свесно трошење на време и барање сигурна шанса, што резултираше со почетна предност.
Но, тогаш почна „војната” со околностите. Во првите 15 минути како некој да нè проколна. Исклучувањата се редеа, а кулминацијата беше директниот црвен картон за Никола Марковски. Престрога одлука на босанските судии за фаул кој не изгледаше за најстрога казна. Како тоа да не беше доволно, следуваше шок со повредите – ги загубивме двете леви крила, Џонов и Атанасијевиќ, уште во првиот дел. Лазаров, како што самиот призна по натпреварот, мораше да „измислува топла вода” на полувремето. И покрај тоа што игравме „осакатени” и со играч помалку цели 6 минути до 14та минута, одбраната се бореше лавовски, држејќи нè во игра на полувреме со прифатливи минус два.
Голготата во вториот дел и кошмарот наречен „7 на 6″
Второто полувреме донесе криза која се закануваше да ни го скрши духот. Нашиот напад стана статичен, безидеен, се вртевме во круг без вистинско решение, додека Португалија го извади своето најсилно оружје на овој натпревар – играта „7 на 6″.
Тој вишок играч во поле ни создаде нерешливи проблеми, одбраната пукаше, а разликата отиде на загрижувачки пет гола. Во тие моменти, на теренот владееше една мачна „брканица”. Промашивме дури и празен гол преку Стојковиќ, момент кој кај многумина би предизвикал целосно откажување.
Во тој период, но и на општо целиот натпревар, единствената светла точка во нападот беше Филип Кузмановски. Нашиот капитен одигра, слободно може да се каже, „монструозна” партија. Со 15 голови и безброј асистенции, тој буквално сам ја влечеше екипата кога никој друг немаше храброст да преземе одговорност. Но, ракометот не е спорт за еден човек и беше јасно дека ни треба уште некој херој за да се вратиме во живот.
Будењето на ѕверот и „спринтот” што го смени текот
Тој херој се појави меѓу стативите. Влегувањето на Мартин Томовски на местото на солидниот Митревски ја донесе потребната искра. Томовски не само што врза неколку клучни одбрани, туку можеби го направи и потегот што нѐ врати во натпреварот – спринтот од клупата за да спаси удар на празен гол. Таа енергија, таа пожртвуваност како да им вбризга адреналин на сите останати. Одеднаш, од тим што губи, станавме тим што гризе.
Лазаров одлично ги искористи тајм-аутите, смирувајќи ја топката и барајќи наједноставни решенија во нападот, што вроди со плод. Во драматичниот финиш, дури и судиите мораа да ја „свиткаат опашката”. По бурната реакција на нашата клупа и добиениот жолт картон на селекторот, видео-проверката донесе правда – пенал за нас и шанса за израмнување. Кузмановски беше ладен како шприцер, а одбраната во последните секунди изгради кинески ѕид пред нашиот гол. Португалија, збунета и под притисок, не успеа да искористи напад од 52 секунди. Томовски бранеше, а Серафимов им „сервираше” уште еден обид на португалците, за среќа тие не нѐ казнија.

Лекции за иднината и поглед кон Романија
Кога ќе се повлече цртата, ова реми е огромно. Статистиката ќе ги запише бројките – 15-те гола на Кузмановски, одбраните на Томовски во клучните моменти, слабиот учинок на десната страна и повредите. Но, она што не се пишува во записник е карактерот. Оваа екипа покажа дека има „кичма”. Дека знае да игра и кога не ѝ оди, и кога е „отпишана”.
Сепак, еуфоријата мора кратко да трае бидејќи проблемите се видливи. Нападот премногу зависи од индивидуални блесоци, а формата на одредени играчи како Митев и десните бекови мора итно да се поправи.
Повредите… дали ќе имаме леви крила против Романија или ќе мора селекторот Лазаров да измислува „топла вода” и на наредниот натпревар? Романија е следниот предизвик и тука нема место за калкулации. Португалија можеби нè потцени мислејќи дека сме готови, но ние не смееме да ја направиме истата грешка со Романците. На тој меч мора да влеземе со истиот жар, но со поладна глава. Имаме искуство наречено 15 години непрекинати настапи на светски и европски првенства, затоа сега треба да покажеме што сме научиле таму, да покажеме искуство и зрелост за победа која можеби ќе значи пласман понатаму.
Главите горе момци, најтешкото помина, сега е ред на вас!



