Шпанските медиуми пак незадоволни од играта на Трент

 

Објавено:

Како еден од најголемите трансфери изминатиот период, беше доаѓањето на Трент Александер Арнолд во редовите на шпанскиот гигант Реал Мадрид. Очекувањата беа големи, најавите бомбастични, па шпанската јавност со нетрпение го чекаше моментот кога фудбалерот ќе заигра за прв пат во славниот бел дрес.

И денот конечно дојде кога Трент истрча на теренот за неговото деби во Реал Мадрид за време на Светското клупско првенство во САД. Сите очи на навивачите беа вперени во него, а фановите на Ливерпул нервозно чекаа да видат дали тој ќе биде дел од новата успешна ера на Реал.

Но, првиот негов натпревар против Ал Хилал не беше импресивен, па тој наиде на огромни критики од шпанската јавност и медиумите. Во 65-те минути поминати на теренот, тој доби само еден од четири дуели, ја изгуби топката дури 12 пати и успеа да додаде успешно само еднаш од пет пати.

Вториот настап против тимот на Пачука беше за нијанса можеби подобар, а синоќа во третиот натпревар против Ред Бул Салзбург тој успеа да ја подобри значително својата статистика.

26 годишниот Англичанец повторно беше дел од стартниот тим и го одигра целиот натпревар. Статистиките овој пат беа доста подобри со две клучни додавања, пет расчистувања и освоени шест од 11 дуели, со што доби оцена од 7.5/10 од “Sofascore”.

Но, дали оваа статистика беше доволна за да се смират страстите на разгорените шпански навивачи и медиуми кои очекуваа чуда од него? Секако дека не!

Спортскиот магазин “Football Espanya” ја нарече неговата игра “уште еден измешан перформанс” и му даде оценка 6/10. “Mundo Deportivo” напиша за Трент: “Англичанецот изигра доста сериозна игра, без многу фалење, но секогаш го правеше она што беше потребно”.

Влегувањето во нов тим, дури и за врвните играчи се покажало како нешто за кое што треба време. Дури и најголемите легенди на шпанските клубови на почетокот биле пречекани со огромни критики од тамошните медиуми, па понекогаш можеби не треба да се брза во донесувањето на заклучоци за способностите на одредени играчи само после еден или два одиграни натпревари во сосема нова средина, со нов тренер и тим кој има сосема поразлична динамика од претходниот.

Александер Арнолд допрва ќе треба да се докажува во дресот на Реал Мадрид, а следната шанса ќе ја има на 1 јули кога ќе се соочат во нокаут-фазата со Јувентус. Но, едно е сигурно, кога се креира толку голема медиумска фама, дури и најмалите грешки се секогаш многу строго оценувани.

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено