Бразилскиот карневал е шармот на Светското клупско првенство

 

Објавено:

Веќе пишувавме за успехот на бразилските клубови на стартот на ФИФА Светското клупско првенство, но сега едно е сигурно – Бразилците ќе имаат свој претставник во четвртфиналето.

Она што започна со амбициозни најави сега е реалност. Сите четири бразилски тима се во нокаут-фазата, а првиот директен “бразилски дуел” ќе го гледаме денес, кога Палмеирас и Ботафого ќе се судрат во Филаделфија за место во четвртфиналето.

Фудбалските терени не се единствените сцени на кои доминира Бразил. Атмосферата што ја креираа нивните навивачи е вистинско шоу – транспаренти, бразилски знамиња, тапани и хорски песни се дел од секој меч. Палмеирас буквално го претвори прочуениот Тајмс Сквер во Њујорк во зелено-бела фан зона, а стадионите низ Америка се преполнети со нивни приврзаници.

Извор: https://x.com/CGTNSportsScene

Иако европските великани влегоа со фаворитска етикета, Бразилците ги уриваат сите прогнози. Ботафого го шокираше ПСЖ, Фламенго го совлада Челси, а Палмеирас и Флуминенсе покажаа дека фудбалот од Јужна Америка не е само шоу, туку и сериозна конкуренција.

“Сакам кога го гледам Ботафого, сите бразилски тимови всушност. Како слават, како се држат заедно, ги обожавам. Ми се допаѓа како сите натпревари се изедначени, освен можеби еден или два, а луѓето се изненадени дека европските тимови губат. Добре дојдовте во вистинскиот свет пријатели!”, изјави Пеп Гвардиола за медиумите.

Во голем број пристигнаа и навивачи од Бразил, но се мобилизираше и локалната дијаспора. Палмеирас има официјален клуб на навивачи во Њујорк, кој организираше собири и маршеви низ градот. Илјадници навивачи, дел од нив кои првпат го гледаат својот тим во живо, го претворија ова првенство во незаборавен момент.

“Искрено, знаев дека ќе има еуфорија, но не и дека ќе бидеме толку многу”, изјави Адриано Бранко од Палмеирас Конзулат Њујорк. “Се чувствував како да сме на стадион во Сао Пауло”.

Клубовите од Јужна Америка ја наметнаа својата култура, пасија и фудбалска умешност, а турнирот добива нова димензија – не само како битка за титула, туку како фудбалски фестивал кој ја обединува планетата.

И ова е само почеток – вечерва почнува елиминациската фаза, а Бразил гарантира спектакл, и на теренот и надвор од него.

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено