Саудискиот фудбалски пазар денеска го доживеа својот најголем потрес во овој преоден рок. Поранешниот освојувач на „Златната топка“, Карим Бензема, и официјално е нов член на Ал Хилал, откако по долги преговори одлучи да ги напушти редовите на лутиот ривал Ал Итихад.
18-месечен договор за „кралот“ Карим
По 83 настапи и 54 постигнати гола за тимот од Џеда, 38-годишниот Французин потпиша договор со важност до јуни 2027 година. Иако неговиот престој во Ал Итихад беше обележан со трофеи (титулата во 2024-25), односите со управата се влошија по неговите јавни критики кон трансфер политиката на клубот, што го забрза овој трансфер.
Роналдо револтиран од засилувањето на ривалот
Преминот на Бензема во Ал Хилал предизвика лавина реакции, а најгласен, според изворите, е Кристијано Роналдо. Лидерот на Ал Наср наводно е незадоволен од тоа што државниот фонд (PIF) продолжува енормно да го засилува веќе доминантниот Ал Хилал, додека неговиот тим заостанува во трката за титулата. Ал Хилал моментално е лидер со 47 бодови, само еден повеќе од Ал Наср, па доаѓањето на Бензема се смета за клучен потег во борбата за шампионскиот пехар.
Новиот тим на „ѕвездите“
Бензема во Ал Хилал ќе се приклучи на веќе импресивниот состав кој го предводи Симоне Инзаги, а во кој настапуваат имиња како Дарвин Нуњез, Рубен Невеш и голманот Јасин Бону.
„Ова патување ми даде многу и лично и професионално. Заминувам со крената глава, горд на сè што постигнавме со Ал Итихад, но сега е време за нов предизвик“, порача Бензема преку социјалните мрежи.



