Ништо не одеше според планот. Она што требаше да биде тактичко надмудрување во полуфиналето на „Копа дел Реј“, се претвори во фудбалска егзекуција. Атлетико Мадрид ја прегази Барселона со 4-0 уште во првото полувреме, нанесувајќи му го најтешкиот пораз на Ханси Флик откако седна на клупата на каталонскиот гигант.
Високата одбранбена линија, која сезонава беше заштитен знак на Барса, синоќа беше нивната „смртна пресуда“. Брзите транзиции на Атлетико, предводени од Џулијано Симеоне и Адемола Лукман, ја распарчија одбраната. Средниот ред беше толку инфериорен што Флик мораше да го повлече Марк Касадо уште во 36-тата минута.
Лапорта грми: „Теренот беше очаен, ни поништија чист гол!“
Додека Флик и тимот ги лижат раните од тактичкиот пораз, претседателот Жоан Лапорта отвори „војна“ со надворешните фактори. Тој одби да ја прифати катастрофата како само спортски неуспех, посочувајќи на контроверзните моменти, вклучувајќи го и поништениот гол на Пау Кубарси по долгата ВАР проверка.
„Се соочивме со низа неправди, од терен во очајна состојба до погрешно поништен гол кој ни ја скрати шансата за кам-бек. Ова личи на веќе видена историја. Ништо не е случајно. Затоа мораме да се бориме против сè и секого!“ порача Лапорта преку официјално соопштение.
6 причини зошто „Ремонтада“ е можна
И покрај резултатската катастрофа (0-4), од клубот официјално порачаа: „Ќе биде многу, многу тешко, но не и невозможно“. Аналитичарите на Барселона издвоија 6 клучни причини зошто реваншот на 3. март може да донесе чудо:
- Машинеријата на Флик знае да „брои“: Откако Флик е тренер, Барса дури 12 пати победила со 4 или повеќе голови разлика (вклучувајќи ги 7-0 со Ваљадолид и 6-1 со Олимпијакос). Капацитетот за голови е тука.
- Враќање на ѕвездите: За реваншот се очекува враќање на триото: Педри, Рафиња и Маркус Рашфорд. Без нив пресингот не функционира, но со нив, Барса е друг тим.
- Факторот „Камп Ноу“: Сезонава Барса има перфектен скор дома – 8 од 8 победи откако се вратија на „Спотифај Камп Ноу“.
- Повеќе одмор: Барселона нема да игра во 1/16 финалето на ЛШ (се пласираше директно), додека Атлетико го чека пеколен распоред и двомеч со Клуб Бриж. Заморот ќе биде на страната на гостите.
- Духот на ПСЖ: Кога се губи со 4-0, сите се сеќаваат на 2017 година и победата од 6-1. Мотото „1% шанси, 99% верба“ повторно е актуелно.
- Историски преседан: Во 1997 година, Барса губеше од Атлетико со вкупни 5-2 на полувреме, но со головите на Роналдо, Фиго и Пици направи епски пресврт за 5-4.
Реваншот е на 3. март. Дали сме подготвени за уште една историска ноќ?



