Натпреварот меѓу Бенфика и Реал Мадрид во плеј-офот од Лигата на шампионите беше во прекин повеќе од 10 минути, откако Винисиус Јуниор пријави расистички навреди од противнички играч. Иако „кралевите“ си заминаа со минимална победа од 1:0, триумфот остана во сенка на сцените кои не приликуваат на ниту еден спортски терен.
Гол, танц и хаос на центарот
Драмата започна во 50-та минута кога Винисиус постигна прекрасен гол за водство на Реал. Бразилецот го прослави голот со својот карактеристичен танц пред навивачите на Бенфика, што предизвика револт кај домашните играчи и публиката.
Само неколку минути подоцна, по вербална пресметка со играчот на Бенфика, Џанлука Престијани, Винисиус видно вознемирен дотрча до судијата Франсоа Летексие. Според извештаите, Бразилецот тврдел дека бил наречен „мајмун“ од страна на противникот.
Првпат активиран новиот протокол на ФИФА
Судијата Летексие веднаш реагираше со новиот протокол на ФИФА и ги прекрсти рацете над главата, сигнализирајќи прекин на мечот поради расизам. Винисиус, поддржан од своите соиграчи, прв го напушти теренот, а по него тргна и целиот тим на Реал Мадрид.
По десетминутни преговори на аут-линијата, во кои беше вклучен и тренерот на Бенфика, Жозе Мурињо, натпреварот продолжи, но атмосферата на стадионот стана екстремно непријателска. Секој допир со топка на Винисиус беше проследен со силни свирежи, а во финишот тој беше погоден и со предмет фрлен од трибините.
„Ова е срам за фудбалот“
По натпреварот, бекот на Реал Мадрид, Трент Александер-Арнолд, не го криеше разочарувањето:
„Ова е срамота за фудбалот. Тешка ситуација за сите нас, се надеваме дека правдата ќе победи. За вакви работи нема место ниту во спортот, ниту во општеството“.
Сепак, ниту играчите на Реал Мадрид не беа „цвеќиња“ на теренот. Многу удари не беа санкционирани, а токму еден таков инцидент го предизвика гневот на Мурињо, кој во финишот доби црвен картон поради приговор дека Винисиус требало да добие втор жолт картон. Сега тој ќе го пропушти реваншот на Бернабеу, што е уште еден удар за португалскиот клуб.
Mourinho loses it over Vini not getting a 2nd yellow here!!
— Stop That Messi (@stopthatmessiii) February 17, 2026
pic.twitter.com/DvkJoerEuf
Иако Реал носи предност од еден гол за реваншот во Мадрид, овој натпревар ќе остане запаметен по грдата страна на фудбалот. УЕФА веќе најави итна истрага за инцидентот меѓу Винисиус и Престијани.



