Додека УЕФА ги собира извештаите од хаотичниот меч во Лисабон, 20-годишниот фудбалер на Бенфика, Џанлука Престијани, се огласи преку социјалните мрежи. Тој категорично ги демантира тврдњата на Винисиус Јуниор дека го навредил на расна основа по голот на Бразилецот.
„Не сум расист, добивам закани!“
Престијани, кој беше во центарот на вниманието кога Винисиус го повлече тимот на Реал од теренот, тврди дека целата ситуација е резултат на големо недоразбирање.
„Сакам да појаснам дека во ниту еден момент не упатив расистички навреди кон Винисиус. Тој за жал погрешно разбрал нешто што мислел дека го слушнал. Никогаш не сум бил расист кон никого“, напиша Престијани на својот Инстаграм профил, додавајќи дека по натпреварот добивал сериозни закани од играчите на Реал Мадрид.

Мбапе „плука“ оган: Му го видов лицето, тој не лаже!
Од друга страна, поддршката за Винисиус е огромна, а најгласен е Килијан Мбапе. Француската суперѕвезда тврди дека со свои очи видел што се случило и побара доживотна забрана за Престијани во елитното натпреварување.
„Она што го видов беше многу јасно: бројот 25 му рече пет пати на Вини дека е мајмун. Се обиде да се скрие зад дресот додека зборуваше, но неговото лице не лаже. Ова е срамен имиџ за светскиот фудбал,“ изјави Мбапе по хаотичниот меч.
Мурињо во свој стил – обвинет и избркан
Масло на огнот додаде и тренерот на Бенфика, Жозе Мурињо, кој беше исклучен за време на мечот. „Специјалниот“ по натпреварот индиректно го обвини Винисиус дека со своите провокативни прослави ја „запалил“ публиката и самите играчи, одбивајќи да заземе страна додека не ги слушне сите верзии.
Од Бенфика се огласија на социјалните мрежи, велејќи: „Како што покажуваат снимките, со оглед на дистанцата на играчите на Реал Мадрид, нема шанси тие да го слушнале тоа што тврдат дека го слушнале“.
Реваншот во Мадрид следниот десет воопшто нема да биде пријателски. Реал има предност од 1:0, но атмосферата е толку затруена што фудбалот веројатно повторно ќе биде во втор план.



