Жозе Мурињо повторно е главна тема во светските медиуми по поразот на неговата Бенфика од Реал Мадрид (0:1). Иако натпреварот го одбележа прекинот поради наводниот расистички напад врз Винисиус Јуниор, Мурињо по мечот не штедеше зборови за однесувањето на Бразилецот, но и за „заговорите“ на УЕФА.
„Винисиус секогаш е во центарот на нешто“
На прашањето за инцидентот меѓу Престијани и Винисиус, Мурињо беше директен – според него, прославата на Бразилецот по голот била непотребна провокација која ја зоврила крвта на стадионот.
„Му кажав на Винисиус: кога ќе дадеш таков гол, само прослави и врати се на центарот. Неговата прослава беше непочитување. На секој стадион каде што игра тој, нешто мора да се случи. Секогаш. Му порачав и дека најголемата икона во историјата на Бенфика (Еусебио) е црнец. Овој клуб е последното место каде што ќе најдете расизам“, изјави Мурињо.
Овие коментари веднаш наидоа на жестоки критики од легендите како Тиери Анри и Кларенс Седорф, кои го обвинија Мурињо дека се обидува да го дефокусира вниманието од сериозноста на расистичките обвинувања.
🗣️ Mourinho: “Why don’t you celebrate a goal with the joy of being a player from another world? It always happens with the same ones and I’ve already told Vinícius why he celebrates like that.”
— Miss ADEL🦋🦚🌹 (@a_derll) February 18, 2026
pic.twitter.com/1XAJ8PFIem
Шокантно тврдење: Судиите имале „забранети“ имиња за картони?
Сепак, најголемиот „отров“ Мурињо го чуваше за своето исклучување. Португалецот заработи црвен картон во финишот, а неговото објаснување е во негов препознатлив стил – теорија на заговор во корист на големите.
„Добив црвен картон бидејќи кажав една очигледна работа. Судијата како да имаше лист на кој пишуваше: ‘Чуамени, Карерас и Хујсен не смеат да добијат жолт картон’. Зошто? Затоа што сите тие ќе го пропуштеа реваншот доколку беа запишани. Му реков на судијата дека имам 1.400 натпревари на клупата и дека точно знам кого смее да казни, а кого не. Ние знаеме како функционираат овие работи“, грмеше Мурињо.
УЕФА ги прегледува снимките
Додека Мурињо напаѓа, УЕФА официјално потврди дека извештаите од натпреварот во Лисабон се под лупа. „Официјалните извештаи се прегледуваат. Доколку се отворат постапки, јавноста ќе биде известена преку нашата веб-страница,“ соопштија кратко од Нион.
Битката продолжува следната среда во Мадрид, каде Бенфика ќе мора да брка негатива од 0:1, но без својот тренер на клупата и во атмосфера која веќе одамна излезе од рамките на спортот.



